Што ќе биде со киосците на автобуските стојалишта?

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Пред неколку години Битола доби нови автобуски постојки. На дел од нив и киосци кои до ден денеска не се во функција. За која намена биле планирани? Во минатото неколкупати го поставувавме ова прашање до општината, но одговор немаше.

Од она што може да се види тие веќе се уништени и се користат како контејнери. Во еден од нив и ќебе. За што служело не знаеме, а некои велат дека зимоска некој таму можеби и преноќевал.

Во отчетот на поранешниот градоначалник со фотографија и текст ги има и овие постојки. Таму пишува дека согласно програмата за поставување на автобуски стојалишта на општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на општина Битола поставени се автобуски стојалишта 47 единечни, 7 единечни со киоск, 11 двојни и 3 двојни со киоск, односно 68 автобуски стојалишта во урбаните средини.

Исто така е напишано дека во руралните средини, односно во 43 села поставени се 50 репарирани автобуски стојалишта. И е наведено дека вкупната вредност за реализација на овој проект изнесувала околу 9,5 милиони денари или околу 153 илјади евра.

Денеска добивме одговор од општина Битола. Од таму велат дека претходното раководство на општината избрало приватна фирма која во наредните пет години ќе стопанисува со нив. Параф на договорот ќе се става секоја година во наредните пет. Она што треба да се дозаврши  е нивно обезбедување со електрична енергија за да можат да бидат функционални и фирмата да ги стави во функција.

Share.