Што ќе значи за Битола двајца министри во новата Влада?

Викендов Собранието ќе одлучува за новиот владин кабинет и програмата на мандатарот Ковачевски. Во новата Влада Битола ќе има две министерски места. Милевски останува во локална самоуправа, а во култура оди пратеничката Костадиновска Стојчевска. Го прашавме Милевски што тоа ќе значи за Битола?

„Долго време Битола немала двајца министри, еве сега од земјотресот се оштетени објекти од старото градско јадро и ќе треба поддршка од Министерството за култура и тоа ќе значи уште еден импулс, бидејќи новата министерка Бисера Костадиновска Стојчевска е од Битола. Битола има многу проблеми, инвестициски, со Законот за старо градско јадро, бидејќи цел град е заштитен и досега не се смогнаа сили да се направи ревизија на тој закон, да се откочи инвестицискиот развој. Тоа е една од позначајните активности кои што следуваат во Битола од областа на културата.Во однос на локалната самоуправа ние веќе разговаравме со градоначалникот за тоа кој проекти министерството ќе ги финансира во Битола. Дискутираме за жичарата на Пелистер, за патот Трново-Магарево, реконструкција на Калето, дискутиравме за проекти за изградба на нови мостови на реката Драгор и се што им е неопходно на општината во рамките на нашиот буџет, да ги ставиме приоритетите за следната година.

Како министри ќе инсистираме автопатот Битола-Прилеп да се започне со реконструкција меѓу првите, ќе се прават неколку делници во Западна Македонија, сепак да ги имаме  оваа година почетните активности. Разговараме за нов пат кон Меџитлија. Општината  е отворена и за сите наши иницијативи нема да има блокада во следниот период, бидејќи често пати си страдаме од самите себеси, се блокираме. Кој да не направи нешто, за да не земе кредити или заслуги.Мислам дека тоа е надминато и ќе можеме сега да функционираме многу повеќе. Во овој период ги направивме законските можности, бидејќи имаше и законски пречки. Директно да инвестираме и како министерство, во Владата има поголем дослух за овој регион, така да мислам дека со новата влада во следниот период ќе направиме многу добри проекти за Битола“, рече Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Сподели