Шчербак: Москва соодветно ќе возврати на одлуката на македонските власти

0
148

Протерувањето на еден дипломат во дипломатијата се смета како сериозен непријателски чекор, но нашиот одговор ќе биде добро промислен од сите страни и адекватен, рече на денешната прес-конференција рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак.

„Македонската страна сѐ уште не ни достави никакви докази за тврдењата дека рускиот дипломат вршел дејности надвор од својот дипломатски мандат. Ние длабоко жалиме за овој потег на Република Македонија што е без преседан во историјата на односите меѓу двете земји и го сметаме за сериозен непријателски чекор. Очигледно е дека се работи за извршување на политичка нарачка како дел од колективната акција на ЕУ и НАТО“, рече Шчербак.

Тој пред македонските медиуми изјави дека Русија ги отфрла сите обвинувања за случајот „Скрипал“, труење на татко и ќерка руски државјани во британскиот град Солзбери.

„За жал, британските власти наспроти сите акти на меѓународото право ги одбиваат сите повици за истрага и поведуваат голема меѓународна кампања против нас и неосновано протеруваат руски дипломати од повеќе земји од светот и најавуват санкции“, додаде Шчербак.

Македонското МНР во понеделникот објави дека протерува еден руски дипломат во консултации со ЕУ и НАТО, а во солидарност со Велика Британија поради случајот „Скрипаљ“.Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, пак дообјасни дека протерувањето е и поради заштита на безбедносните интереси на земјава, бидејќи дипломатот излегол од рамките на својот мандат и се обидел да се здобие со класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.

Претседателот Ѓорге Иванов веднаш реагираше со изјава дека одлуката за протерување на дипломатот е избрзана.