Јанчев: Ајде да направиме амнестија, би гласал за уставните измени

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Ајде да ја направиме таа амнестија за настаните во Собранието на 27 април. Таа работа треба да заврши во Парламентот, со едногласно крената рака, вели Митко Јанчев, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за Дојче веле. Вчерашниот повик на премиерот Зоран Заев за помирување и простување, според Јанчев, е повик за „ослободување на луѓето кои во еуфорија на 27-ми април, ненамерно направиле глупост“.

За тоа што ќе значи таквиот потег за владеењето на правната држава, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека „правната држава допрва треба да почнеме да ја градиме“.

– Бидејќи, таа не важеше ни кога се кршеше Деловникот во Собранието, не важеше ни кога се носеа некои закони… Да не се враќам наназад и да набројувам колку пати правната држава била компромитирана. Еве, да ставиме крај на тоа што било, и да почнеме да ја градиме – истакнува Јанчев.

За актуелната дебата во Собранието за уставните измени, вели дека кога би бил пратеник би гласал за измени на Уставот, но под одредени услови, односно би поднел неколку амандмани со цел да се обезбедат дополнителни гаранции за државата.

Прашан што им препорачува на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Јанчев укажува дека тие се под постојан притисок „и од десно и од лево“.

– Имаат притисоци од изгрејсонце, низ текот на целото секојдневие, до зајдисонце. Не би сакал да сум во нивна кожа, затоа што се во ситуација да не можат слободно да го кажат својот автентичен став – истакнува Јанчев.

Додава дека е разочаран од таквите случувања, не само во ВМРО-ДПМНЕ, туку и во СДСМ, како и од тоа што иако таму сите не мислат исто, сепак, постапуваат по партиски налог.

Share.