Јапонски пари за реконструкција на кровот на градинката „Коца Василева“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Четири нови јапонски грант проекти за подобрување на условите од областа на едукација, здравство и јавните услуги во земјава беа потпишани од јапонската амбасадорка Кеико Ханеда и македонските претставници во Скопје.

Вкупно се одобрени десет проекти од Јапонија од кои шест се потпишани лани и веќе се имплементираат, а целта е да се подобрат основните човекови потреби во нашата земја. Новопотпишаните проекти се наменети за подобрување на условите во градинката „Мајски Цвет” во Битола преку реконструкција на покривот во објектот градинка „Коца Василева” во вредност од 69 илјади евра, подобрување на училишната средина во основните училишта „Кирил и Методиј” во Прилеп во вредност од 57 илјади евра, во училиштето „Алија Авдовиќ” во село Батинци во Општина Студеничани во вредност од 57 илјади евра и во училиштето „Светозар Марковиќ” во Старо Нагоричане во вредност од 52 илјади евра.

Амбасодорката на Јапонија, Кеико Ханеда на потпишување на овие проекти истакна дека со ова уште еднаш се потврдува силното пријателство и посветеноста на Јапонија во поддршката на социоекономските напори за реформи и за европска интеграција на нашата држава.

Според министерот за здравство, Венко Филипче кој присуствуваше на церемонијата, со години наназад, близу 15 години здравствениот сектор добива многу значајна поддршка од Амбасадата и народот на Јапонија.

Јапонија, како што потенцира и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, е земја која останува една од најголемите надворешни пријатели на нашата земја, и која континуирано ја поддржува државата во заложбите за нејзин развој и просперитет, преку подобрување на условите и состојбите во многу општествени сфери и сегменти.

На потпишувањето на договорите присуствуваше и градоначалничката на Битола Наташа Петровска.

Share.