Љубомир Михајловски Џанго е новиот претседател на Адвокатската комора

0
513

Адвокатот Љубомир Михајловски – Џанго е новиот претседател на Адвокатската комора на Република Македонија. Негови заменици ќе бидат Јелена Ристиќ и Бесим Реџепи. Адвокатите го избраа новиот прв човек на Комората во рамки на 63-тото годишно собрание на кое претходно беше избран и нов Управен одбор на АКРМ.

Во изјава за Академик тој истакнува дека неговите заложби како нов претседател на АКРМ ќе бидат насочени кон јакнењето на адвокатурата и нејзината независност и самостојност.

„Мојата првенствена заложба е да ја држам адвокатурата и Комората подалеку од политиката. Потоа, да се зајакне квалитетот на адвокатурата преку создавање на законски решенија во интерес на адвокатитите и граѓаните, како и во однос на еднаквата положба на адвокатите во постапките. Во таа смисла, моја заложба ќе биде и учеството на адвокатите во подготовката на прописите бидејќи во таа насока од клучно значење се нивните мислења, предлози и сугестии како бранители на човековите права. Исто така, во работата на АКРМ акцент ќе биде ставен и на континуираната едукација на адвокатите, како и  на меѓународната и регионалната соработка на АКРМ. Од големо значење во понатамошниот период е и да се обезбедат подобри услови за работата на Комората“, вели новиот претседател на АКРМ.