Започна турнејата на Љубојна во Австралија

0
413

Македонската група препознатлива како една од најинвентивните регионални состави која ги спојува елементите на поп, соул, денс, џез , рок и ориентална музика, Љубојна, ја започна својата концертна турнеја во Австралија.
Тие создаваат единствена музичка формула која на секој албум се користи на поинаков начин.
Минатата година покрај отворањето на Фестивалот на музика од светот,  го промовираа албумот сниман на винил , извонредно насловен како „Радио Љубојна“, верна слика за она каде се движи звукот, но и амбициите на овој бенд.
Музиката на Љубојна се опишува како експлозија на креативноста и комбинација на теми од традиционалната македонска музика.
Турнејата во Австралија започнува со концертот во Мелбрун на 9 ти февруари, во Јан театарот, продолжува во хрватскиот клуб во Сиднеј, а потоа и во Илинден клубот, во хрватскиот центар во Мелбурн на 17 -ти февруари завршува турнејата.

После Австралија Љубојна ги очекува концертна турнеја во Казахстан во јуни.
Специјален гостин на турнејата е Џамбо Агушев.

Изминатите 16 години Љубојна допринесе и за музиката на различни филмски, балетски и театарски проекти, создавајки импресивно наследство од 9 студиски албуми. Бендот настапи насекаде низ светот и ја освои публиката од сцените на Њујорк, Торонто, Рим, Истанбул, Москва, Пекинг.

Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер саунд од една заборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика.

Групата е една од најрепрезентативните и најистакнатите на Балканот, која на автентичен начин го пренесува пулсот на македонското музичко битие во отворен звук на светот. Нивните музички ерупции најчесто се опишуваат како постојано менлив спој од женска жестока енергија, моќниот звук на дувачката секција и традиционалните македонски теми.