Колекционери, инвеститори, обични купувачи, дилери и трговци, компании и инвестициски фондови, купуваат уметност, антиквитети, ретки предмети, накит, вина, автомобили на аукции. Често се многу, ама многу богати. Некои од најголемите аукциски куќи, следејќи го чекорот на времето имаат и интернет платформи на кои спроведуваат аукции од помала вредност. Сепак главната атракција се редовните а специјални аукции во нивните сали.
Во неделата што измина се случија неколку значајни и парично вредни купувања.
Денеска, 22 ноември заврши аукцијата на првиот стрип за супер херојот паднат од Криптон – Супермен што ја спроведе американската аукциска куќа „Херитиџ“ – „Херитиџ аукшнс“. Во светот има уште 7 копии на првиот број испечатен во 1939 година со добар квалитет, а овој добил и висока оценка и висока парична вредност.
фотографија: сопственост на Heritage auctions
Највисоко оценетиот примерок на „Супермен број 1“ од 1939 година, пронајден од семејство од Северна Калифорнија на таванот од домот на нивната покојна мајка минатата година, сега го држи рекордот како најскап стрип во светот откако беше продаден за 9,12 милиони долари со премијата на купувачот во четврток, 20 ноември, како главна ставка на аукцијата „Комик книги со потпис“ на „Херитиџ“ што траеше од 20 до 22 ноември. И покрај тоа што беше заштитена само со куп стари весници во картонска кутија, копијата доби оценка 9,0 на скала од 10 поени од CGC, најголемата светска услуга за оценување на стрипови од трети страни. Цената од 9,12 милиони долари го сруши претходниот рекорд за вредност на стрипови, поставен од копија од „Акциони стрипови број 1“ со оценка 8,5, која беше продадена за 6 милиони долари преку „Херитиџ аукшнс“ во 2024 година.
Машина Енигма „М4 “

фотографија: сопственост на Cristies
Eден ден претходно, аукциската кука „Кристи“ во Париз продаде целосно функционална машина „Енигма“ со дрвена обвивка за повеќе од 482.600 евра, двојно поголема цена од очекуваната. „Енигма М4“ го користела германската армија за време на Втората светска војна за шифрирање на комуникациите на подморниците. Моделот „М4“ се користел од 1942 година. „Енигма“ е името на брендот и вообичаеното име за серија ротациони машини за шифрирање кои се користат за шифрирање пораки уште од 1920-тите. Овој примерок е целосно функционален, комплетен со оловно-киселински батерии. Исто така, се смета дека е еден од само осумте преостанати функционални модели. Ова може да објасни зошто е постигнато двојно повеќе од проценетото, при што неименуван понудувач платил 482.600 евра (555.233 американски долари).
Климт
фотографија: сопственост на sothebys фотографија: сопственост Wikipedia
Аукциската кука „Сотби“ во Њујорк ја продаде сликата „Портретот на Елизабет Ледерер“ на Густав Климт за рекордни 236,4 милиони долари (205,2 милиони евра). Со техниката масло на платно, високо скоро два метри, Климт ја портретирал ќерката на својот патрон облечена во кинеско кимоно. Шест понудувачи лицитираале 20 минути, пишува АФП.
Најскапата слика продадена на аукција е сè уште „Спасител на светот“, која му се припишува на Леонардо да Винчи. Таа е купена во 2017 година за 450 милиони долари.
Брошот на Наполеон Бонапарта

фотографија: слика од екран/инстаграм/сопственост на sotheby
„Сотби“ од Женева направи стратешки ама и ризичен чекор непосредно по кражбата во Лувр. На аукција понуди дијамантски брош кој припаѓал на францускиот император, но го изгубил кога се повлекувал од Ватерло. Брошот, кој може да се носи и како приврзок, е украсен со овален дијамант со тежина од повеќе од 13 карати, опкружен со помали дијаманти. Продажната цена изнесувала 2,85 милиони франци, без да се вклучат провизиите и другите трошоци што биле додадени на конечната вкупна сума. Ова далеку ја надминало претходната проценка од 200.000 франци. Сотби не го откри името на продавачот, забележувајќи само дека купувачот бил приватен колекционер. Повеќе од два века, скапоцениот камен остана дел од пруското кралско семејно наследство на династијата Хоенцолерн. Брошот беше продаден за повеќе од 3,5 милиони швајцарски франци (околу 4,4 милиони долари или 3,8 милиони евра).

















