Денеска се навршуваат 119 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија,идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење.
Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село.
Еден од најголемите идеолози на народноослободителното движење на македонскиот народ кон крајот на 19-от и во почетокот на 20-от век, револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.
По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.












