15 адвокати ангажирани како предавачи во клиничката програма на Правниот факултет

0
1345

Правниот факултет потпиша меморандум за соработка со Адвокатската комора на Република Македонија и Адвокатската заедница Битола. Така што 15 адвокати ќе бидат ангажирани како предавачи во клиничката програма на Правниот факултет при УКЛО со анализа на практични случаи и пренесување на искуството од практиката.

Со меморандумот е предвидена соработка во едукативни процеси преку ангажирање експерти од практиката за реализација на стручно-практична настава како и организирање и реализација на практична настава за студентите од Правниот факултет, во зависност од расположливите можности, исто така предвидени се консултации и експертизи, вклучување експерти во исполнувањето на теоретските содржини на студиските програми, воспоставување на контакти и презентација на договорените страни пред домашни и странски субјекти и организирање на тркалезни маси и размена на искуства на разни панели, трибини и дискусии.

Голем број адвокати пројавија интерес за ангажирање на адвокатски приправници од редот на студентите во летниот период или по завршувањето на студиите.

Од страна на деканот Горан Илиќ беше истакнато значењето од склучувањето на овој меморандум за Правниот факултет со професијата која е белег на Битола.

Претседателот на Адвокатската заедница Битола, адвокатот Никола Главинче, ги повика надлежните да овозможат правните студии во Битола да имаат своја институционална и финансиска поддршка, која ветува развој и на Битола.