15 годишно момче почина од реакција на анестезија при операција на колено

0
1303

Министерството за здравство ја потврди информацијата за починатото 15 годишно момче и најави дека ќе направи целосна анализа за трагичниот настан кој се случил за време на операција на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

„Првичните информации говорат дека станува збор за малигна хипертермија која се случува во многу ретки случаи кај пациенти кои имаат генетска предиспозиција. Целиот кадар на Клиниката за ортопедија бил максимално ангажиран во напорите да се спаси момчето. Исто така,формирана е и комисија на Клиниката која ќе го анализира случајот и по добивање на официјалните резултати од обдукцијата ќе се соопштат транспарентно на целата јавност“, соопштуваат од Министерството за здравство.

Од таму најавија дека во наредните денови се очекуваат и официјалните резултати од Институтот за судска медицина.

Како што објави НОВА, момчето било донесено како итен случај со повреда на двете колена од пад на час по физичко воспитување. Смртта настапила кога му бил даден инхалационен анаестетик. Анестезиолозите тврдат дека не се работи за алергија, туку се сомневаат дека настанала малигна хипертермија која се случува во многу ретки случаи кај пациенти кои имаат генетска мутација и во комбинација со анестетик може да настапат компликации и смрт. На Хируршките клиники објаснуваат дека момчето најверојатно го имало ова генетско пореметување, што дополнително ќе се утврдува со тестови за генетско испитување.