ТЕРА

REKLAMA???

15 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ ЗА ПРОЕКТИ ЗА ОПШТИНИТЕ

Денеска на редовна седница на Владата практично отпочна постапката за објавување на вториот повик преку Министерството за локална самоуправа со којшто ќе се изрази интерес на единиците на локална самоуправа за финансирање на капитални проекти од интерес на граѓаните, рече премиерот Христијан  Мицкоски на заедничката прес конференција со министерот за локална самоуправа Златко Перински.

„Станува збор за втор јавен повик за искористување на средства од оние 15 милијарди денари кои Владата ги стави на располагање на општините. Ќе повторам, до 15 милијарди денари ќе биде вредноста на овој втор повик. Но, тоа не подразбира дека сите овие средства ќе бидат потрошени во тековната фискална година. Ќе повторам за да нема забуни во јавноста, можно е некои проекти да влезат и во три годишни буџети, и во 2025-та и во 2026-та и во 2027-та. Некои проекти да бидат само во 2025-та, некои да бидат и во 2025 и во 2026 итн., за да биде појасно. Но, вкупниот волумен на средства со кои што ќе се финансираат проектите од овој втор повик, за којшто денеска отпочнавме процедура на редовна владина седница, е до 15 милијарди денари.

За таа цел, се задолжуваат Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за спорт, Министерството за култура и туризам, да ги утврдат критериумите со коишто ќе се финансираат овие проекти преку капитални дотации. Таква е процедурата, иако за критериумите Министерот ќе зборува малку подоцна.

Владата воедно го задолжи или ќе го задолжи, откако ќе заврши дебатата, Министерството за локална самоуправа, практично, откако сето ова ќе биде искристализирано, издефинирано, да го објави јавниот повик за изразување на интерес од страна на единиците на локална самоуправа за финансирање на овие проекти коишто се дел од овој втор повик.

Ќе повторам, општините преку овој втор повик ќе имаат на располагање до 15 милијарди денари за проекти коишто ќе бидат финансирани од централниот буџет или централните буџети, во зависност од периодот на реализација на овие проекти.

Ова се значајни средства кои се ставаат на располагање на општините за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните.

Ќе повторам, се работи за историски најголема инвестиција на централната власт во единиците на локалната самоуправа, општините преку кои директно се влијае на подобар живот и повисок стандард“ рече премиерот Мицкоски.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински рече дека како што покажуваат фактите и ситуацијата на терен, пред нас е градежен бум во сите општини, во сите региони на нашата земја.

„Дозволете ми накратко да ве информирам за резултатите од првиот повик со кој финансиска поддршка добија 288 проекти во 78 општини, со вкупна вредност од нешто повеќе 4,5 милијарди денари.

-251 проект се веќе со склучен договор или се во завршна фаза од постапката, од кои педесетина веќе се реализираат на терен

– За 37 проекти се очекува почеток на тендерската процедура за избор на изведувач

Ова е показател дека реализацијата се одвива одично. Веќе е започната изградба на градинки, спортски игралишта, се санираат и градат улици, водоводни и канализациони мрежи…

Во однос на вториот повик, сакам да напоменам дека критериумите за учество во најголем дел ќе бидат исти како и за првиот, но и олеснети во поглед на рокот

за поднесување на документи и за отпочнување на постапка за јавна набавка, односно ќе се одлучува врз основ на два критериума:

  • по глава на жител на резидентното население во секоја општина согласно последниот попис
  • и комплетноста на потребната проектна документација со сите потребни дозволи и согласности потребни за отпочнување постапка за јавна набавка, со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци

Право на учество имаат сите единици на локалната самоуправа, кои можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од различни области, односно од областа на:

  • култура
  • спорт
  • животна средина
  • патна инфраструктура (Министерство за транспорт и врски)
  • социјална политика
  • образование

Рокот за поднесување на апликативни формулари и проектна документација е до 30.04.2025 година“ рече министерот за локална самоуправа.