1,5 милиони денари за нова фасада и кровот на средното медицинско училиште

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Министерството за животна средина и просторно планирање реализира повеќе еко-проекти во Битола чија динамика се остварува благодарение на соработката со локалната самоуправа, изјави заменик министерот во МЖСП, Јани Макрадули за време на денешната посета.

Во рамки на планот за чист воздух за 2020 година, МЖСП ќе вложи 1,5 милиони денари за нова фасада и кровот на средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“, потврди Макрадули во Битола.

-Без разлика на ребалансот кој ги допре сите сектори во владиниот буџет за 2020 година, планот „За чист водух“ остана ист и тоа е најдобар доказ дека Владата цврсто остана на определбата за намалување на аерозагадувањето. Ковид-епидемијата не влијае врз капиталните инвестиции, и во таа смисла ние си дадовме задача да не постои државен објект кој не е енергетски ефикасен. Покажевме дека можеме тоа да го правиме и ќе продолжиме со имплементација на планот „За чист водух“ кој има три компоненти, односно замена на нееколошки извори на загадување, енергетска ефикасност и зеленило, посочи Макрадули.

Според градоначалникот на Битола Наташа Петровска, средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ е стабилизирано и добро работи.

-Средното медицинско училиште имаше долгови од над 36 милиони денари, но ние успеавме да ги вратиме сите наследени долгови, да го деблокираме училиштето и да вложиме 300.000 денари општински средства за инфраструктурни зафати во училиштето и друга општинска помош. За нас како општина значајна е поддршката од централната власт, во овој случај од МЖСП кое помогна за образовни институции но и за решавање на други еколошки проблеми, рече меѓудругото Петровска.

Со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање освен во средното медицинско училиште, еко проекти се реализирани во средното училиште „Таки Даскало“ и основното училиште „Кирил и Методиј“ во Битола.

Макрадули и Петровска заеднички ја посетија пречистителната станица за селата Магарево и Трново, проект финансиран од страна на Европската Унија, во вредност од 9.018.336,00 денари, имплементиран преку партнерот УНДП. Воедно, Петроска посочи дека со средствата од Министерството за животна средина во висина од над 3 милиони денари, се направи дел од колекторскиот систем на потегот од местото Црвени Петли до хотелот Шумски фенери, а со средства од Општина Битола во вредност од 17 милиони денари се направи потегот од Шумски Фенери до трафостаницата и  испустот од пречистителната станица до реципиентот. Таа истакна дека поставувањето на приклучоци кај индивидуалните домови е веќе при крај од страна на КЈП „Нискоградба“.

Сумарно, во овој дел од потпелистерието, за заштита на животната средина издвоени се над 32 милиони денари, или над 521.000 евра.

Share.