„Битола ми е во срцето, на концертот пеев и во чест на мојот татко“, Билјана Крстиќ на Фестивалот на музика од светот

Втората вечер на Фестивалот на музика од светот, беше резервирана за балканскиот славеј, Билјана Биља Крстиќ, која во Центарот за култура настапи придржувана од Камерниот оркестар на Битола, под диригентска палка на Владимир Димовски.

„Прекрасно се чувствувам после концертот, гледав дека публиката уживаше, ние уживавме, се трудевме да го дадеме својот максимум, оркестарот е одличен и оваа програма е комбинација на традиционална и уметничка музик. Посебно ми е драго што концертот помина убаво затоа што јас сум за прв пат во вашиот град и би сакала да имам прилика некогаш и со мојот оркестар Бистриќ да гостувам овде, можеби во Хераклеја. Се надевам дека ова е почеток на некоја соработка. Зборувавме со диригентот дека со овој оркестар, со камерниот оркестар на Битола и со оваа програма, би било убаво да настапиме и низ другите македонски места, но и низ Србија“, изјави за Тера телевизија Крстиќ.

Светски познатата српска пејачка е израсната со народните традиции на централна Србија каде што е родена. Музиката што ја изведува Биља Крстиќ е фузија, мешавина на традиционална етно музика, а капела песни и етно ритми со елементи на импровизација и современ музички пристап.

Публиката уживаше во изведбите на Билјана, во безвременските песни создадени во Ниш, Врање,од каде и е потеклото, потоа песните од филмовите „Спасител“ и „Зона Замфирова“, а големи аплаузи доби и на изведните на македонските песни.

Концертот го заврши со изведба на Битола мој роден крај, песна која ја поврзува со нејзиното детство, со нејзиниот татко.

„Тоа е песна на мојот татко, тој многу сакаше да му ја пеам.Тој беше железничар и сакаат да ја пеат песната која најмногу ја сакаат.Кога ќе дојдеше од работа секогаш му ја пеев Битола мој роден крај. Да беше жив многу ќе се радуваше да знае дека сум во овој град, а второ што ја пеев неговата омилена песна“, ни изјави Билјана.

Нејзиното сценско искуство започнало во нејзината млада возраст во младинскиот хор, а подоцна, во 1970-тите години, таа ќе членува во култните групи „Сунцокрет“ и „Рани Мраз“, едната предводена од Бора Ѓорѓевиќ, а другата од Ѓорѓе Балашевиќ. По растурањето на „Рани Мраз“ ја започнува соло-кариерата. Нејзиниот прв албум е издаден во 1983 година, а издава и три поп-ориентирани плочи. Исто така, создава и музика за многу театарски претстави за „Београдско народно позориште“. Во меѓувреме, дипломира на Факултетот за музичка уметност во Белград и почнува да работи како музички уредник во Радио Белград.

Повеќе од пет години трпеливо собира неоткриени народни песни од териториите на Косово, Јужна Србија, Македонија, Источна Србија, Романија и Унгарија. Тоа резултира со албумите Бистриќ (2001) и Записи (2003). Нејзиниот трет албум, Тарпош, беше издаден низ цела Европа на почетокот на 2007 година, под лиценца на германската издавачка куќа Intuition/Schott Music, и постигна голем успех кај критичарите и публиката од областа на ворлд музиката. Потоа следуваше албумот Извориште за PGP-RTS (2013), за потоа да го издаде Свод, заедно со групата „Бистрик“ за истакната британска издавачка куќа Arc Music.

Третата, завршната вечер на фестивалот е резервирана за македонските евергрини кои ќе будат испеани од Бојан Стојков, Димитар Андоновски, Јасна Димитровска, Зарина Прва Севда, Тамара Стојковска и Нико Ѓоргиевски на концертот на Битолскиот дувачки оркестар. Концертот ќе биде со почеток од 20.00ч во Големата сала на Центарот за култура. Фестивалот е поддржан од  Министерството за култура и Општина Битола.

Фотографии: Центар за култура.

 

Неда Маретиќ

Сподели