20 години од НАТО бомбардирањето на СР Југославија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

На денешен ден, пред точно 20 години, по серија обиди на меѓународната заедница да се реши косовската криза, од италијансаката база во Авиано полетаа првите авиони, кои и во следните 78 дена бомбардираа цели ширум Србија.

Воената интервенција во СРЈ почна на 24 март, околу 19.30 часот, по наредба на тогашниот генерален секретар на НАТО Хавиер Солана, а без одлука на Обединетите нации. Владата во Белград истата ноќ прогласи воена состојба. Во првите денови земјата ја надлетуваа 70 борбени авиони, а со текот на времето нивниот број се зголемуваше и достигна до 400 летови дневно, потсетува Танјуг.

Според податоци од Србија, до 10 јуни евидентирани се 18.168 авио полетувања, додека НАТО објави 38.004, од кои 10.484 со борбени дејства, а останатите биле извидувачки, летови на танкери, авакси и слично.

Нападите на СРЈ изведувани се од бродови во Јадранското Море, од четири воздухопловни бази во Италија, а дел од операциите се изведувани со бомбардери кои полетувале од бази во Западна Европа, па дури и САД. За време на тие 78 дена уништени се околу 50 отсто од производните капацитети на земјата, а вкупната штета е проценета на десетици милијарди долари. Според српски податоци, во воената кампања загинале над 2.500 луѓе, а повредени се пет пати повеќе. Бомбардирањето заврши на 10 јуни. Еден ден претходно, претставници на Војската на Југославија и НАТО во Куманово потпишаа Воено-технички договор, со кој е прецизирано повлекување на силите на Војската од Косово и распоредување на меѓународни воени сили во тогашната српска покраина. Силите на КФОР, составени од 37.200 војници од 36 земји влегоа во Косово на 12 јуни.

Share.