ТЕРА

REKLAMA???

20 % ОД СТУДЕНТИТЕ СМЕТААТ ДЕКА КОРУПЦИЈАТА Е МНОГУ ИЛИ ЕКСТРЕМНО РАСПРОСТРАНЕТА

Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ спроведе истражување за перцепцијата на корупцијата меѓу студентите на јавните универзитети во Македонија.

Истражувањето покажа дека вкупно 20% од студентите сметаат дека корупцијата е многу или екстремно многу распространета на факултетот на кој студираат, додека 24% од анкетираните студенти сметаат дека корупцијата е умерено присутна на факултетот каде што студираат.

Од специфичните видови на несакано однесување на универзитетот, испитаниците сметаат дека најчесто е мамењето на испити од студентите (21%). Условувањето на студентите да ја купат книгата на професорот како би го положиле испитот или би добиле подобри оцени (20%) е на второ место по зачестеност, додека на трето место е практиката студентите да им се плаќаат на други луѓе за пишување семинарски трудови и дисертации (12%). Дури 9% од испитаниците се изјасниле дека од нив било побарано мито на професори.

Пријавите за корупција се многу ретки – само 3% од анкетираните студенти експлицитно кажале дека на некој начин реагирале на корупција.

Најголемиот дел од испитаниците наведоа дека или не знаат дали има канцеларија за пријавување на корупција (38%) или дека нема посебна канцеларија за пријавување корупција (59%). Што се однесува до најсоодветните форми за пријавување на корупција, студентите преферираат онлајн формулар за пријавување (42%). Во однос на причините зошто корупцијата не се пријавува, една третина од македонските испитаници ги наведоа последиците за оној кој пријавува (33%).

Резултатите беа презентирани на Тркалезната маса под наслов „Универзитети без корупција во Албанија, Македонија и Србија“ која беше одржана во Скопје во организација на ИСИЕ.

Покрај во земјава, истражувањето беше спроведено и на јавните универзитети во Албанија и во Србија со користење на техника лице в лице во мај 2023 година, на примерок од 300 студенти. При креирањето на примерокот се внимаваше да се обезбеди пропорционална застапеност на универзитетите во примерокот според бројот на студенти, како и помалите универзитети да бидат застапени во статистички значаен број на испитаници.

Проектот „Универзитети без корупција во Албанија, Северна Македонија и Србија“ е поддржан со регионален грант на СМАРТ БАЛКАН – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, регионален проект имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (ЦПЦД),  Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) и финансиски поддржан од норвешкото Министерство за надворешни работи (НМФА).