Ехото од македонскиот филм одекна силно и проструи низ голем број реномирани фестивалски манифестации. Освоени филмски награди, номинации, светски премиери, минатата година беше повеќе од успешна за македонскиот филм. Премиерите се одржаа во Венеција, Токио, Каиро, Талин, но и на други помали фестивали, успешната серија фестивалски учества и награди и 2022-та беше заклучена со повеќе од 250 фестивалски учества и над 70 освоени награди.

Од краткометражните, тука е „Северен пол“ на битолчанката Марија Апчевска, кој имаше 100 фестивалски учества ширум светот на кои освои 15 награди. Овој филм ја потврди високата позиција на Македонија на светската мапа од филмската уметност и ги отвори вратите на македонската кинематографија на еден од најреномираните филмски фестивали, Канскиот.
Филмот „Проблемот на Тина“, во режија на Радован Петровиќ, беше прикажан на фестивалот „Лес аркс“, и на фестивалот во Измир, Турција каде ја освои наградата за најдобар краток филм.

На овој фестивал доминираа македонските филмови меѓу кои беше прикажан и филмот на Игор Иванов Изи „ Хомо“, кој исто така освои награда за најдобра женска улога. Во Измир Мето Јовановски доби признаие за посебен придонес кон филмската уметност.
Од филмовите кои ја одбележаа 2022 тука е „Најсреќниот човек на светот“, во режија на Теона Стругар Митевска, кој беше прикажан во Венеција, зад себе има веќе десетици фестивалски учества и е официјален македонски кандидат за „Оскар“, дебитантското остварување „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова, „Кајмак“ на Милчо Манчевски, кој беше премиерно прикажан на фестивалот во Токио, најголемиот фестивал во Азија и други.












