Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју Продукција” продолжува да освојува награди на светски филмски фестивали. Награден е со 23 награди во различни категории и селектиран во официјална селекција на 60 филмски фестивали ширум светот. Меѓу последните награди, ,,Шеќерни луѓе” е награден за најдобар краткометражен игран филм на ,,8-миот Инка Империал” меѓународен филмски фестивал во Лима, Перу.
„Шеќерни луѓе” на 16-ти јуни беше прикажан во официјалната селекција на меѓународниот филмски фестивал ,,BJX Bajio”, во Гванахуато, Мексико. На 25. јуни, ќе биде прикажан во официјалната селекција во програмата ЕCHOES пред португалската публика за време на 19-то издание на филмскиот фестивал за нови режисери FEST – New Directors | New Films Festival што се одржува во Еспинхо, Португалија од 19 до 26 јуни, каде филмот се издвои од над 3500 пријавени филмови и е селектиран во ограничената листа на избрани филмови.

Проекциите на ,,Шеќерни луѓе” во официјална селекција продолжуваат и во наредниот период од јуни до септември на Балкански фестивал за филм и храна во Подградец, Албанија, на филмскиот фестивал за Југо-источна Европа во Париз, Франција, на филмскиот фестивал ,,Европа сега” во Глазгов, Обединето Кралство, и на меѓународниот филмски и видео фестивал во Маракај, Венецуела. Проекција на ,,Шеќерни луѓе” во официјална селекција е потврдена и за време на филмскиот фестивал ,,Љубов и надеж’’ во Барселона, Шпанија што се одржува од 15 до 22 септември, 2023.
Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски.












