25-то јубилејно издание на детскиот фестивал Си-До

Со многу музика и насмеани детски лица, се одржа 25- тото издание на најпопуларниот детски фестивал Си -До. Оваа година јубилејното издание беше на ракометното игралиште, на отворено, по сите мерки и протоколи за заштита.

Дваесетина учесници кои едвај чекаа да излезат на сцена и да ги израдуваат сите присутни со своите изведби, беа дел од фестивалската сцена.

Од овој детски фестивал излегле многу популарни детски песни кои ги пеат и децата и возрасните. Тоа е фестивал кој е музички белег на Битола и кој ја продолжува традицијата на нашиот град.
Имено, во изминатиот половина век, па сè до денес, во Битола делуваа неколку организации и асоцијации коишто непосредно беа ангажирани со грижата за воспитување на децата. На нивна иницијатива беше организирана музичката приредба под името „Одбираме музички таленти“. Од 1978 година манифестацијата беше наречена „Дете-фест ДО-РЕ-МИ“.

Во 1991 година ова манифестација го добива денешното, многу популарно име Дете-фест „СИ-ДО“ или скратено само СИ-ДО, во чест на името на познатиот битолски музички педагог, композитор и диригент Петар Сидовски.

Во 2005 година композиторот Миле Шерденков по иницијатива на граѓаните на Битола и пошироко, еден од првите членови од организацијата на детскиот фестивал Си-До и неговиот син, Дарко Шерденков, ја продолжуваат традицијата така што овој фестивал прераснува на едно повисоко ниво во интернационални рамки, а тоа се докажува со многубројните награди и признанија што ги добива детскиот музички фестивал Си-До.

Во сите години на одржување дефилираа над стотина деца годишно – како солисти така и членови на детскиот фестивалски хор. За ова, посебен придонес имаа битолските композитори на детската музика: Петар Сидовски, Кире Костов, Миле Шерденков, Славе Димитров, Петар Ѓорѓиев – Калица, Кирил Тодоровски, Милко Лозановски, Миодраг и Марјан Неќак, Снежана Наумовска како диригент и многу други музички педагози, организатори, директори на организации и друго.

Некои од музичките надарени деца учесници на овој фестивал, денес се познати пејачи на македонската музичка сцена:Каролина Гочева, Христијан Спировски, Димитар Андоновски, Анета Мицевска и други.

Ќе останат во сеќавање повеќе детски песни во македонската музичка антологија кои за првпат беа испеани на овој фестивал: „Супер бабичка“, „Метро и жилет“, „Рокер јас сум мила мамо“, „Споменар“, „Наташа од трето три“и уште многу други.

Денес, овој детски музички фестивал има значјно место во културниот живот на градот, како и кај многу поклоници на овој вид музика, посебно кај најмладите.

Неда Маретиќ

Сподели