30 години затвор ако прогласи независност

0
477

Главниот обвинител на Шпанија Хозе Мануел Маза подготвува обвинение против лидерот на Каталонија Карлес Пучдемон за бунт, во случај регионот еднострано да прогласи независност.

Казната за такво кривично дело е до 30 години затвор, објави Ел Паис. Според дефиницијата во шпанскиот Кривичен законик обвинението за бунт претставува “насилни и јавни” антидржавни активности кои имаат за цел да “укинуваат, суспендираат или изменуваат цел или дел од Уставот на Шпанија” или “да прогласат независност на дел од националната територија”. Лидерите на оваа противодржавна активност можат да бидат осудени на од 15 до 25 години затвор, а ако се утврди непослушност, судири со органите на редот, предизвикување на хаос и напади против јавна или приватна сопственост, казната може да достигне до 30 години затвор. Вчера, шпанската влада се состана на вонреден состанок, на кој се очекува да донесе мерки за преземање на контрола врз Каталонија.

По завршувањето на состанокот, премиерот Маријано Рахој ќе објави какви мерки се преземаат. Тие ќе бидат ставени на гласање во Сенатот. Од владата се очекува да објави активирање на членот 155 од шпанскиот устав, кој му дозволува на Мадрид да го суспендира автономниот статус на секоја област ако не ги исполни своите обврски кон државата. Но, Сенатот мора да даде одобрение за оваа мерка пред да стапи во сила. Вчера беше објавено дека владата и главната опозициска партија се согласиле во Каталонија да одржат парламентарни избори во јануари.