ТЕРА

REKLAMA???

35 ГОДИНИ ЛЕКТОРАТ ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО БУДИМПЕШТА

По повод јубилејот 35 години Лекторат по македонски јазик во Будимпешта, беше одржана манифестација насловена „Денови на македонска култура “. Истата беше во организација на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта и Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом, Скопје.

Присутните ги поздрави лекторот по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ, Златко Панзов како и претседателот на Здружението на Унгарци на Македонија, Јожеф Шутуш.

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, Здружението „Вина од Македонија“ и амбасадата на Република Македонија во Будимпешта, Унгарија, па така на настанот присуствуваше и Ненад Младеновиќ, шефот на дипломатското конзуларно претставништво, a тука беше и поранешниот унгарски Амбасадор во Македонија, Ласло Дукс.

Македонските песни оваа вечер беа во изведба на дуото БудаПесме, кое одржа целовечерен концерт на македонска народна музика. Се работи за вокално-инструментално дуо во кое членуваат Вероника Варга и Бенедек Рети, кои ги поврзува љубовта и интересот за изворната балканска музика. Тие изведуваат музика од Македонија, Србија, Босна и Грција.

На македонската вечер и претходеше „Словенска пролет“ , во организација на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, па така студентите што ја следат наставата по македонски јазик пред своите колеги презентираа интересни податоци за обредите поврзани со празникот Ѓурѓовден кај Македонците и Едерлези кај Ромската заедница. Нивната презентација беше насловена „Ѓурѓовден/Едерлези (празник на сите)“ и предизвика огромен интерес кај студентите кои изучуваат словенски јазици на Институтот за славистика и балтичка филологија.

Како што соопшти Панзов, во неформалниот дел од настанот, студентите и колегите имаа можност да дегустираат македонски вина и слушнат неколку македонски песни во изведба на музичкото дуо БудаПесме.

Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2023“ продолжува во септември со предавање и концерт на проф. д-р Горанчо Ангелов и серија на предавања од областа на македонската книжевност што ќе бидат објавени во двојазичен зборник во реномирана едиција Opera Slavica Budapestinensia на универзитетот ЕЛТЕ од Будимпешта. Планирани се и две официјални посети на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта и универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Манифестацијата за одбележување на 35 годишнината од постоењето на лекторатот заврши со македонското оро.