Дури 36 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на пленарната седница во Собранието не дадоа поддршка за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Голем дел од нив или отсуствувале од седницата или пак воопшто не гласале, велат од СДСМ.
За Законот за македонскиот јазик не гласале ниту пратениците од Левица, како и пратеникот од Демократски сојуз.
Претходно министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека првото читање за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик во комисиската расправа поминало во пријатна атмосфера и се надминале пречките што постоеле во таа комисија.
-Сите политички партии го поздравија носењето на ваков закон. Го должиме како генерација и како политичари на оваа држава. Ги нотиравме природните промени на јазикот и тие треба да се пресликаат онака каква што е реалната состојба, рече министерката во телевизиско гостување.
Со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик властите влегоа во процес на дополнителна заштита, унапредување и збогатување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
Како што наведуваат предлагачите, односно Министерството за култура, ова е сеопфатно законско решение преку кое ќе биде отсликана реалната состојба со променливата природа на јазикот, а секоја институција ќе биде задолжена да го применува стандардниот јазик.
Законското решение во моментов е во собраниска процедура и неочекувано за досегашната практика, начелно добива поддршка од сите политички партии.
Еден од новитетите во законското решение е создавање Инспекторат за употреба на јазикот, но и дополнително изучување и афирмација на јазикот во странство.
Во новиот текст се предвидуваат и задолженија за Министерството за образование и наука. Па така, секој мај во тековната година МОН ќе распишува конкурс за стипендирање ученици од четврта година средно образование за да ги стимулира учениците за запишување на универзитетите за изучување на македонскиот јазик. МОН во текот на една година ќе може да додели најмалку десет, а најмногу дваесет стипендии.
Воедно, Министерството за образование и наука во текот на академската година ќе распишува и конкурс за стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование.
Согласно планираното, во текот на една година ќе може да се доделат најмалку пет, а најмногу десет стипендии за додипломски студии, потоа најмалку три, а најмногу седум стипендии за магистерски студии за изучување на македонскиот јазик. Предвидени се и најмалку две, а најмногу пет стипендии за докторски студии.
Законот се заснова на следниве цели: – Подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо; – Афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација; – Почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во оваа насока. По усвојувањето на Законот се очекува значително да се зајакне и неговото изучување и промоција во странство, во странски образовни институции во сите степени во образованието.
Во оваа насока се даваат и предлози за отворање лекторати за македонски јазик во странство, како и поддршка на работата на постојните лекторати во странство.












