41 година Центар за култура Битола

„Културата и уметноста се знак на распознавање на секое општество, и затоа претставуваат моќен производ за презентирање на културните вредности„.Под ова мото Центарот за култура Битола опстојува веќе 41 година.

Неговата изградба започна на 15 ти март 1975 година, како „Спомен дом на културата за Првото заседание на АСНОМ„, за на 10 ти октомври 1980 тата свечено да биде предаден во употреба, со изведба на претставата „Залезот над езерската земја” од Томе Арсовски, а во режија на Димитар Христов и со ретроспективна изложба на битолските ликовни уметници.

Програмата на Центарот имплементира популарни музичко сценски, балетски, драмски, концертни и други содржини чиј број се проширува со гостувања од други градови на Македонија, Европа и светот.

Покрај редовните манифестации, кои привлекуваат не само домашна публика туку и многу гости,  продолжува  активноста за организирање на гостувања, пред се на Операта, Балетот и Филхармонијата на Македонија за да се задоволат културните потреби на љубителите на музичките спектакли и да се продолжи со музичката традиција во Општина Битола.

Пред се тука е филмскиот фестивал Браќа Манаки, изложбата Со љубов од Битола, Државната изложба на детски ликовни творби на тема„Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, настаните во соработка со културните центри, дипломатски претставништва, амбасади, интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм “Камера 300”, саемот на книга, фестивалите на странски филмови, Фестивалот на музика од светот кој веќе 13 години се одржува во нашиот град.

Тука е и Фестивалот на Монодрама кој оваа година го имаше своето 22 ро издание , посветен на актерите, на нивната работа, и нивните креации, кои во фестивалските денови, го оживуваат театaрскиот свет, потоа Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, како и на Семинарот за традиционална музика и игра.

Да не го заборавиме 3д киното каде се прикажуваат редовни 3Д проекции на најнови филмски остварувања, кинотечни ретроспективи на филмски раритети (филмови на познати режисери и актери) од државата, соседните земји.

Центарот за култура Битола во изминатите години на постоење има воспоставено мостови на соработка со институции, организации, здруженија, ансамбли, стручни лица и уметници земјата и во светот .

Сподели