Карневалот „Прочка 2018“ во Прилеп

0
517

Со карневалската забава со маски и доделувањето на наградите на најдобрите поединечни и групни маски, синоќа во Прилеп заврши меѓународниот карневал „Прочка 2018“. Добитник на најпрестижната Гран-при награда за „нај маска“ е традиционалната маска „Мечкарите“ од Птуј од Словенија.

А, карневалот годинава ќе се памети по креативни маски, по многу инвенција на учесниците, со кои се демонстрира и натаму продолжувањето на традицијата на преправање на овие простори, што трае со векови.

Оценувачката комисија на „Прочка 2018“, во состав: Хилда Црнеска-претседател и тројца членови: Габриела Шукуроска, Рубин Белчески и Благоја Атанасоски имаа тешка задача, да ги изберат најдобрите, а сите учесници беа со свои автентични маски со кои пренесуваа различни пораки.

Учесниците на карневалот,што допатуваа од Корча, ја освоија првата награда во категорија на странски маски. Тие радосни забележаа, дека секоја година имаат навистина пријатен престој во Прилеп.

Меѓу наградените се и маски што ги подготвуваа учениците со своите ментори од прилепските училишта.

Во категорија на „современи маски“, првонаградена беше маската: „Свемирски суштества“ од ОУ „Добре Јованоски“, втората награда ја доби „Снешковци“ од ОУ „Кочо Рацин“ и трето место го освои „ПОП корн“, со дечињата од градинката „Наша Иднина“. Во категоријата „театрални маски“, првата награда им припадна на „Музика за тронови“ од Крушево, „Пролетно будење“ од ОУ „Гоце Делчев“ и третото место ја доби маската „Петар Пан“ од ОУ „Кире Гаврилоски – Јане“.

Во категоријата традиционални маски наградени се и „Ратевски бамбурци“ од с. Ратево, Беровско, на кои им е доделена прва награда. Втора награда доби маската „Кураичка крвава свадба“ од с. Куратица, Охридско и „Стари Странчинари“ од Мокриево ја добија третата награда.

Во категоријата „современа маска“, прва награда доби танцовиот клуб „Зодијак“ со „Аладин и волшебната ламба“, второнаградени се „Палави колачиња“ од Пробиштип и третонаградени се „Black Dolls“ од СОУ „Орде Чопела“.

За прв пат годинава е воведена категорија „странски маски“. Прво наградена е маската „Балкан“ од Корча., второнаградена е „Мажуретки“ од Бела Црква, Србија и третонаградена е маската „Оган“ од Будва, Црна Гора.