ТЕРА

REKLAMA???

740 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА РАЗВОЈОТ НА БИТОЛА ВО СЛЕДНИТЕ ТРИ ГОДИНИ

Изградба на објект за ТППЕ Битола, oсновен проект за изградба на мултифунционална сала, изградба на детска градинка во АРМ, изградба на колектор за прочитување на отпадни води во НП Пелистер, реконструкција на улица Стив Наумов, реконструкција на улица Индустриска, реконструкција на паркинг простор кај спортска сала Боро Чурлевски. Ова се дел од проектите кои влегуваат во новата развојна програма на Општина Битола за 2023-2025 година. Локалната власт тврди дека од топ 10 ветените проекти во предизборната кампања, 7 само за една година се почнати со реализација.   

„Во развојната програма има проекти кои што се подготвени, изработени се основни проекти, дел од нив веќе имаат одобрение за градба и светлото на денот ќе го видат во 2023 година. Како поголеми проекти во развојната програма се ул.Индустриска- ул.Бурса, тука е и ТППЕ која е во фаза на изработка на техничка документација и во текот на наредната година истата би се правела и кога ќе се погледне целата програма за 2023 година, од сите оние топ 10 проекти коишто ги вети ВМРО ДПМНЕ само во првите 365 дена 7 од приоритетите веќе ќе го видат светлото на денот во 2023 и согласно развојната програма и годишните програми на крајот од овај мандат на оваа локална самоуправа ќе бидат реализирани“, изјави Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Во развојната програма влегува и прифатилиштето за бездомни животни.

„За прв пат Општина Битола ќе добие прифатилиште, со готов проект со дозвола за градба. Во тек е реализацијата на надворешниот дел, се спрема се надевам дека за брзо ќе добиеме дозвола. Секој граѓанин на терен може да види дека се работи во тој дел, меѓутоа во развојната програма е влезен целиот проект, што значи ќе има изградба и на самиот објект којшто ќе значи прифатилиште за бездомни животни. Тоа е еден од капиталните проекти коишто се ветени и ќе бидат реализирани.   Ако се сака да се работи ќе се најде начин, можеби некои работи одат побавно, но причина за тоа е само административните  текови на сите постапки“, рече претседателката на Совет Габриела Илиевска.

Ништо спектакуларно нема да се случи во наредните три години во Општина Битола, обвини опозицијата.

„Развојната програма ништо ново, ништо спектакуларно нема да се случи во наредните три години во Општина Битола. Она кое што претходно го потенцирав во моите изјави дека Општина Битола и оваа локалана власт предводена од ВМРО ДПМНЕ и Поинаку нема да направи ништо спектакуларно за битолчани и тоа се потврдува. Завршува една година од нивното владеење, немаат затворено ниту еден отпочнат проект, не е отпочната ниту една капитална инвестиција, се што затворија и Стадионот и Офицерски е започнато претходно да се работи“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.  

На обвинувањата Илиевска со одговор:

„Во однос на сперктаклот неможам да ја разберам опозицијата бидејќи ние сите тука сме избрани и платени од граѓаните  да работиме за нивните потреби, а не да кажуваме дали направивме нешто спектакуларно или не. Се она што е барање на граѓаните треба да се реализира. Инаку се она што беше ветено, нормално дека за една година неможи да се реализира, меѓутоа најголемиот број на проектите се веќе во започната фаза“, рече Илиевска.    

Од Левица велат дека секогаш во еден 4 годишен мандат се започнуваат проекти а никогаш не се завршуваат.

„Од сите 7 ќе се започни со сите 7, а на крајот ниту еден проект нема да се заврши. Ако мислат тие со некој почеток и со средства од 5% од колку што чини проектот е започнато и мислат дека е завршено, тоа е тешка работа“, рече Горан Велевски, советник од Левица.

Вкупните планирани средства за развој на оваа три годишна програма изнесуваат над 740 милиони денари.