ТЕРА

REKLAMA???

75 ГОДИНИ МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ БИТОЛА

Со изведбата на композицијата „О фортуна“ од Карл Орф, започна јубилејниот концерт на Државното музичко училиште од Битола,во Центарот за култура. Продолжи со Реквиемот на Моцарт, а во изведба на хорот на училиштето под диригентска палка на проф. Лилјана Трајковска Димевски и пијано соработник проф.м-р Горјана Стојановска. 75 години богата историја преточена низ звуците на музиката. На сцената застанаа заедно учениците, професорите и гости музичари, бивши ученици.

Професорката Марина Коруновска ги воведе присутните во историјата на музичкиот живот во Битола. Голем број на завршени ученици од ова училиште се гордост за музичката култура на градот и Р.Македонија. Тие се дел од Македонската Опера и Балет, Македонската филхармонија, СОКОМ, наставници во основните и средните училишта, професори на ФМУ во Скопје и Штип. Некои ученици станаа познати естрадни уметници во државата и надвор од неа, а некои се на пат да станат големи уметнички ѕвезди. Сите тие се гордост на училиштето. Тука се и големиот број на награди и признанија на домашни и интернационални натпревари. Секако значајно e да се спомене и доделувањето на наградата на град Битола “4 Ноември”.

Во рамките на концертот настапија:Јована Арсовска, Андреа Николовска, Арсениј Ангелески, Љубица Здравковска, во придружба на оркестарот на училиштето, Наталија Николовска и Анастасија Солунчевска ја изведоа композицијата на Паганини за гитара и виолина, концертот од Вивалди за 4 виолини и оркестар го изведоа Наталија Николовска, Благица Блажеска, Јована Димоска и Јована Здравевска со пијано придружба на проф.Александра Ристевска. Концертот продолжи со Емилија Богоевска, Леонардо Димоски, во придружба на Камерниот оркестар на училиштето под диригентска палка на проф. Никола Трајановски, после кои настапи Дувачкиот оркестар на музичкото училиште  под диригентска палка на проф.Марјан Бакревски со солистите Кармен Гемту, Јана Блажевска, Матеа Стојаноска, Ангела Стојанова, Емилија Ристевска, Ангела Трајчевска, Ксенија Поповска.

Формирано во почетокот на 1947 година со решение на Министерството за народна просвета на Народна Република на Македонија, Државното музичко училиште спаѓа во редот на најстарите училишта во Македонија. Во почетокот беа формирани паралелки за основно музичко образование, а во 1962 година се формирани и пaраралелки за средно музичко образование.

Како институција со високи професионални квалитети, активно е вклучена во културното живеење на градот и регионот, организирајќи концерти по повод отворање на изложби, литературни презентации, соработка со други здруженија, институции, како и со фестивалот на класична музика „Интерфест – Битола“; „Шопенова Вечер“; Фестивал на млади пијанисти организиран од ЕПТА и мн.др. Во 2014 год. училиштето потпиша меморандум за соработка со Музичкото училиште „Мимар Синан“ од Истанбул, Р.Турција.

Во својот 75 годишен развој оваа институција бележи постојан подем по однос на видот и бројот на образовни профили и растот на бројот на учениците. По завршувањето на јубулејниот концерт се одржа и собирот на генерации од Државното музичко училиште, односно како што ни изјавија на едно место се собра музичкото семејство, на јубилејната прослава по повод 75 години од постоењето на училиштето.

https://youtu.be/DXYDS8EOih8

Неда Маретиќ