8.000 пара чевли со тенок ѓон за полицијата

Во насока на реализација на стратешките активности за континуирано подобрување на материјално-теничките услови за работа на полициските служби, Министерството за внатрешни работи постојано набавува униформи и друга опрема за полициските службеници, соопшти МВР.

Деновиве, во магацинот на МВР пристигнаа 8.000 пара чевли со тенок ѓон од италијанскиот производите „Гриспорт“, фабрика што инаку ги снабдува и полициите на повеќе земји од ЕУ. Вкупната вредност на набавката на чевлите со тенок ѓон изнесува 25.520.000 денари без ДДВ.

Покрај ова, Министерството за внатрешни работи преку италијанскиот „Гриспорт“ реализира набавка и на 10.000 пара чевли со дебел ѓон, а вкупната вредност на набавката изнесува 37.000.000 денари без ДДВ, како и 10.000 пара полувисоки чевли, набавени преку производителот „Дермал“ од БиХ, со вкупна вредност на набавката од 42.800.000 денари без ДДВ.

Испораката на оваа опрема се очекува да биде реализирана во наредниот период. Наскоро се очекува испораката и на 2330 флуоросцентни елеци, 8000 маици, 8000 виндјакни, 20000 кошули…

Нови униформи пред неколку месеци добија Единицата за брзо распоредување, Единицата за обука и поддршка и Интервентната полиција, а во изминатиот период беа обезбедени пловни објекти и мотоциклистичка опрема за полицијата. Министерството за внатрешни работи продолжува со континуираните набавки на униформи и опрема за полициските службеници и во наредниот период, а продолжуваме и со реконструкција односно реновирање на полициските станици, за да се овозможат подобри услови за работа.

Досега се реновирани 56 енергетски ефикасни објекти, а деновиве ќе бидат промовирани реновираните објекти во општина Ранковце и Старо Нагоричане. Министерството за внатрешни работи продолжува со силна мотивираност да ги гради севкупните капацитети на институцијата и да создава модерна, опремена и стручна полиција, бидејќи само така ќе се придонесе за уште подобри резултати во работењето, во полза на сите граѓани на Република Северна Македонија, соопштија од МВР.

Сподели