Како до поголема искористеност на Европските фондови

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

НВО Инфоцентарот и Општина Битола, денес организираа прес-конференција, на која беа презентирани наодите од анализата: „Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво – Студија на случај: Општина Битола”. Овој документ е дел од серијата студии на случај, во кои покрај Битола,  вклучени се и општините Струмица и Тетово, како и градот Скопје. Во студиите се анализираат и оценуваат постојните капацитети на општините за искористување и програмирање на ИПА фондовите, а се нудат и препораки за подобрување на состојбата. Досегашните анализи за Општина Битола, покажуваат низок процент на искористеност на достапните средства, како резултат на отсуството на политичка волја, пасивниот  и стратешки нефокусиран пристап.

„Во овој проект, гледам проект, кој ќе иницира следни проекти. Токму тоа, беше и причината што го потпишавме овој Меморандум за соработка со НВО Инфоцентар, затоа што наша цел е како општина да ги зајакнеме капацитетите на општината со што би можеле да бидеме поуспешни, при аплицирањето за средствата што ни се нудат од Европските фондови, а притоа, тие аплицирања да завршат со успех и бенефит за целата општина. Токму затоа, анализите на НВО Инфоцентарот за согледување на постоечките капацитети, меѓутоа и нивните намери  потоа да извршат дополнителни обуки, меѓудругото и на општинската администрација, претставуваше за нас сериозен предизвик и беше исклучително значајно и перспективно. Токму затоа, очекувам дека во следниот период Општина Битола, сериозно ќе ги зајакне своите капацитети и дека навистина ќе бидеме многу поуспешни во добивањето на проекти, затоа што не само во Битола, туку и на ниво на држава, сите знаеме дека во изминатиот период многу малку беа искористувани средствата од овие фондови и голем дел од парите се враќаа назад и завршуваа неискористени. Имајќи предвид дека сме држава на која и треба сериозен инпут во развојот, тоа во иднина не смее да ни се случува и се ова што денес го правиме е во насока на подобрување на сегашните состојби” изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентарот, нагласи дека досегашните анализи покажуваат мала искористеност на средствата од Европските фондови во Република Македонија, така што средствата од ИПА 1 само врз основа на договори се искористени 71%, што не го претставува реалниот процент, затоа што иако, договорите се потпишани, голем дел од тие средства се вратени.

„Тоа што претставува предизвик е тоа што во тек е ИПА 2 до 2020 година, во која што има многу повеќе средства од претходната. Треба да се вложат максимум напори за да се изградат и да се надоградат капацитетите, но и стратешките преокупации на локалните власти во однос на искористување на ИПА фондовите, а се со цел за развој на локалната заедница. ИПА 2 е концентрирана на локалната економија, вработувањето, мобилноста на работната сила, социјалниот, културниот развој, развојот на туризмот, многу важни сегменти за развој. Честитки до Битола, бидејќи веќе има 2 одобрени проекти, а еден на резервна листа што покажува добар тренд”, рече меѓудругото Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентарот, додавајќи дека во моментот политичка волја има, објективно се следат слабостите и добрите страни, а ќе се дејствува и во насока на стратешка надградба и зголемување на соработката со граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и другите субјекти со цел заедничко аплицирање и учество во проекти.

Настанот беше организиран во рамките на проектот „Локален консултативен механизам ИПА2″, кој го спроведуваат НВО Инфоцентар и Организацијата на жени од Струмица. Проектот е финансиран од Европската Унија.

 

 

Share.