95 филмови и „Голема ѕвезда“ за Милица Стојанова на Манаки

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Филмската и театарска актерка Милица Стојанова е добитник на наградата „Голема ѕвезда“ на Друштвото на филмските професионалци на Македонија (ДФПМ) и ќе и биде врачена на отворањето на 39. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола на 22 септември.

Одлуката на ДФПМ беше соопштена денеска на прес-конференција посветена и на соопштување на програмата на претстојниот фестивал.

Во 60-годишната професионална актерска кариера, 86-годишната Стојанова имала стотици театарски улоги, како и значаен број филмски и телевизиски, а најчесто играла лик на мајка, рече режисерот Игор Иванов-Изи, претседател на ДФПМ.

Досега добитници на наградата „Голема ѕвезда“ се македонските автори Кирил Ценески, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, како и британскиот продуцент Сајмон Пери кој има значаен придонес во македонскиот филм.

– Тоа се звучни имиња кои силно блескаат зад филмското платно. Оваа година се одлучивме за исчекор и да доделиме награда на една легендарна македонска актерка – рече Иванов.

Стојанова се појавува токму во филмовите на претходните лауреати на оваа награда, Ценески и Манчевски, како и во филмовите на Столе Попов, („Исправи се, Делфина“, Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Прашина“…), а и покрај нејзината возраст таа сė уште работи и беше дел од краткиот филм „Види ја ти неа“ кој неодамна освои награда на фестивалот „Санденс“.

Иванов рече дека тоа што Стојанова немала главни улоги се должи на положбата на жената во целата македонска кинематографија, особено кога била во своите најдобри години.

– За жал, нашите филмови се 90 отсто со историска тематика каде мажите водат некакви војни, а жените, според сценаријата, се приморани да бидат мајки или некакви за жалење теткички. Но Милица Стојанова има остварено многу улоги и сите тие се значајни. Тоа што оваа македонска дива ќе биде со нас во Битола на 86-годишна возраст по 60 години присуство на филмското платно е голема работа – истакна претседателот на ДФПМ.

Откри и малку познат податок дека Стојанова го позајмувала својот глас на речиси сите српски и хрватски актерки што се појавувале во македонските филмови.

Во 14 фестивалски програми ќе бидат прикажани речиси 95 филмови на претстојниот 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој под слоганот „Симнуваме капа“ ќе се одржува од 22-ри до 29 септември.

Во главната програма за трите награди „Камера 300“ (Златна, Сребрена и Бронзена) за најдобар кинематографер ќе се натпреваруваат 12 филмови по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и хитот во САД „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли.

На прес-конференција на која беше сооптена фестивалската програма, Куновски рече дека сите селектирани филмови биле во компетитивните програми на трите најголеми фестивали Кан, Берлин и Венеција и еден од Карлови Вари. Одлуката за трите награди ќе ја донесе петчлено меѓународно жири кое, рече Куновски, ќе има тешка задача поради силната конкуренција.

Фестивалот во Битола на 22 септември ќе биде отворен со новиот краток игран филм „Љубовникот“ на Игор Иванов-Изи. Првата фестивалска вечер ќе продолжи со проекција на „Истребувач 2049“ во чест на оскаровецот Роџер Дикинс, годинашен добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, кој токму за овој филм го доби Оскарот по 13 номинации.

Во чест на вториот годинашен лауреат, италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, која во Битола ќе ја прими Специјалната награда „Златна камера 300“, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“. По неодамнешаната премиера во Венеција, во Битола ќе биде прикажан и документарниот филм „Живеење со светлината“ за кинематограферот Роби Милер, кој беше лауреат на ИФФК пред две години, а почина во јуни годинава.

Фестивалот на 29 септември ќе заврши со доделување на наградите од главната програма, а за затворањето ќе биде прикажан краткиот филм „Скаут“ на македонскиот режисер Алекс Цветков кој живее во САД.

Директорката на ИФФК „Браќа Манаки“ Евгенија Теодосиевска рече дека од април интензивно работат на подготовката на фестивалот кој покрај познатите филмски програми годинава ќе има и нова – „Полноќен јавач“ во селекција на Микеле ди Анџелис. Ќе има полноќни проекции на филмски класици – мајстори на хоророт.

Во програмата документарни филмови, селектирани од Теодосиевска и Марија Џиџева, ќе има осум филмови, меѓу кои новиот филм на Вим Вендерс – интригантен филмски портрет на папата Франциско, ЦЕРН – филм за врската меѓу убавината и науката, „Крв и песок“ со дискусија за мигрантската криза…

Кратките филмови се по избор на Даријан Пејоски и Марија Апчевска и во оваа програма ќе има девет остварувања од осум земји. Седум филмови ќе има во програмата „Перспективи на европскиот филм“ во селекција на Слаѓан Пенев, а во ревијалната програма „МК поинт“ во селекција на Ана Василевска ќе има 20 филмови – кратки, документарни и анимирани од македонската продукција.

 

Share.