Пензионерите со дополнителен приход и странска пензија да се пријават во УЈП

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

До крајот на месецот е продолжен рокот за регистрација во системот на е-Персонален данок за земјоделците и пензионерите кои што земаат пензија од странство или имаат дополнителни примања. Ова категорија на граѓани на ниво на УЈП РД Битола е приближно 10 илјади. Од нив се околу 2000 пензионери кои имаат дополнителни примања и околу 600 пензионери кои примаат пензија од странство. Досега се регистрирале околу 600 до 700. Од околу 7000 земјоделци од Битола, Новаци и Могила повеќе од половина не се регистрирале во ситемот за е -персонален данок.

-Незадоволителен број на регистрирани имаме кај земјоделците и пензионерите со дополнителни примања и пензија од странство. Според ова, УЈП РД Битола има изготвено акционен план според кој во престојниот период ќе биди одвоено поголемо внимание на овие категории граѓани.Земјоделци – регистрирајте се на е-Персонален, со цел да имате увид во вашите оданочиви приходи како и за да можете навреме да го остварите Вашето право за враќање на данокот. За успешно извршување на оваа активност УЈП планира и посети во населените места на земјоделците.Пензионери – кои имате дополнителни примања освен пензијата од фондот, исто така и сите Вие кои имате странска пензија, задолжително регистрирајте се на системот е-Персонален. Примателите на пензија од странство ќе имаат обврска до 31-ви март да поднесат е-пресметка за странската пензија како би им се признало даночното ослободување согласно меѓународните спогодби, согласно Законот за личен доход, рече Злате Муневски, портпарол на УЈП во Битола.

Граѓаните кои што се регистрирале во системот за е-Персонален данок не треба да ја поднесат даночната пријава на шалтерите во УЈП, апелираат од таму. Најголем дел од граѓаните (или 35 500 жители на општина Битола, со Могила и Новаци) кои оствариле приходи веќе се имаат регистрирано на систем е-Персонален, односно имаат креирано сопствен кориснички профил.

-Сите тие, во месец април 2019 година од страна на УЈП ќе добијат известување на нивниот е-маил дека ГДП за 2018 година е претпополнета и достапна на нивниот кориснички профил на е-ПДД, нивната обврска ќе е во месец мај, преку компјутер да се најават на системот е-пдд со корисничкото име (емаилот) и лозинката која ја креирале при регистрацијата, со цел да ја прегледаат електронската годишна даночна пријава за да можат истата да ја потврдат или корегираат, за тие што нема да ја потврдат или корегираат даночната пријава УЈП ќе смета дека е потврдена.
Со ова сакме да апелираме до сите граѓани да не доаѓаат во УЈП со пресметките кои им ги даваат исплатителите (фирмите), затоа што повеќе нема поднесување на даночна пријава на шалтер во УЈП, нивната обврска беше и е, да се регистрираат на е-Персонален, следно, во месец мај да можат електронски да ја потврдат или корегираат даночната пријава за приходите од 2018 година. Ова важи за сите кои оствариле приходи (освен примателите на пензија од ФПИОМ), додаде Муневски.

На ниво на општина Битола, постојат 1 774 неодобрени барања.

-Тоа значи дека овие граѓани се регистрирале преку компјутер, но не се јавиле во УЈП за одобрување и верификација на барањето за регистрација, апелираме до сите тие да се јават во УЈП за да ја завршат регистрацијата до крај, во спротивно регистрацијата им е нефункционална, нема да можат да се најават.

На ниво на држава досега се имаат регистрирано вкупно 665 000 граѓани, на ниво на УЈП РД Битола Ттоа се општините (Битола, Охрид, Струга, Ресен и Демир Хисар) вкупно се регистрирале 86 483 граѓани.

Share.