Aгенцијата „Стандард енд пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ-

0
214

Aгенцијата „Стандард енд пурс” (Standard and Poor’s) соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ-, со стабилен изглед. Потврдата на стабилниот изглед ги одразува оценките на агенцијата за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг и политичката неизвесност од една страна, и поволните економски перспективи на земјата од друга страна.

Агенцијата нотира дека политичката стабилност е подобрена со формирањето на владата, како и дека неодамна е забележан напредок во решавањето на спорот со Грција околу името. Според извештајот, ова би требало да резултира со подобрување на довербата и интензивирање на економскиот раст.

Според извештајот, економскиот раст забавил од 3,9% во 2015 на 2,9% во 2016 и на нула во 2017. Се очекува дека растот ќе забрза на околу 3% во 2019 година, при позитивен придонес на јавните и приватните инвестиции како одраз на подобрената политичка стабилизација, а се очекува и позитивен придонес од нето-извозот. „Стандард енд пурс“ го оценува јавниот долг на Македонија како умерен во глобален контекст, и проектира дека на среден рок долгот ќе изнесува 47% од БДП (државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта – ЈПДП). Притоа, оваа оценка го одразува очекуваниот буџетски дефицит, но и растечкиот долг на ЈПДП, како и подмирувањето на неплатените обврски кои беа објавени по трансферот на власта.

mkd.mk