Dead can dance конечно во Скопје

Македонската публика за прв пат ќе има можност да ужива во безвременскиот и магичен звук на култниот и единствен светски музички феномен Dead Can Dancе, кој следната пролет, во рамките на Таксират Фестивалот  ќе одржи два концерти, на 23 и 24 мај .

Австралиското дуо Лиса Џерард и Брендан Пери за концертите најавија преку официјалниот сајт и својата фејсбук-страница, додека потврда стигна и од тимот на „Таксират“ кои напишаа: „Волшебните Dead can dance конечно во Скопје!“.

Македонскиот народен театар беше првичната концертна локација, но од „Таксират“ известуваат дека концертите ќе бидат одржани во Националната филхармонија.

Продажбата на билетите, започна од 22 септември и е исклучиво онлајн.

Dead can dance се формирани во 1981 година, а својот музички полет го започнуваат во 1984 со истоимениот албум „Dead can dance“. Досега имаат издадено вкупно девет студиски музички дела, добивајќи култен статус со нивниот авангарден, етеричен и мистичен звук, при што фузираат жанровски со ворлд мјузик, неокласичниот дарк вејв, арт рок, готик рок.

Дуото во 1998 година престана да прави музика заедно, но потоа се собраа накратко во 2005 година за светска турнеја. Се реформираа во 2011, кога го објавија новиот албум „Anastasis“. Во 2018 следуваше нов албум „Dionysus“ и повторно се на турнеја од средината на 2019 година. Лиза Џерард, еден од најубавите светски вокали на современата музика и музичкиот гениј Брендан Пери, веќе 4 децении на музичките вљубеници им го пренесуваат својот длабок уметнички интегритет. Tворејќи музика која уште од оформувањето во 1981 година во Мелбурн, успешно се оттргнува од прангите на жанровите, просторот и времето, тие се потпишуваат зад неверојатен опус инспириран од звуците на Европа, Блискиот исток, Азија, северна Африка, Медитеранот и пошироко. 

Познати се и како композитори на музика за бројни филмови, меѓу кои најпозната е музиката за „Гладијатор“ на Ридли Скот. 
 
Својот магичен звук и перформанс Dead Can Dance ќе го споделат конечно и со македонската публика и тоа на двата концерти во Скопје.

 

Сподели