Доделени наградите на јубилејниот ФАДФ.Камера 300

0
316

Под мотото „Од сон до јаве”, годинава интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300″ го одбележува својот сребрен јубилеј – 25 години откако сонот на филмските аматери од Битола стана реалност. На овој начин, реализирана е желбата да се организира една филмска манифестација, на која се вреднува трудот на филмските аматери.

Фестивалот го отвори градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска која ги поздрави присутните, а на организаторите – Кино видео клуб Студио „Милтон Манаки” им посака уште многу успешни изданија, притоа нагласувајќи дека општината и во понатамошниот период ќе ја поддржува оваа манифестација, која е одраз на почитувањето и продолжувањето на делото на Браќата Манаки, затоа што ИФФК „Браќа Манаки” и ФАДФ „Камера 300″ се фестивали кои создаваат можности за понатамошни, уште поголеми успеси во филмската област.

 

Годинава филмовите ги оценуваше интернационално жири во состав: д-р Стефан Сидовски претседател, проф. д-р Станимир Трифонов од Бугарија, Владимир Анѓелковиќ од Белград,  Србија, Јосип Грозданиќ од Хрватска, проф. д-р. Мишо Нетков Македонија. Наградата Гран при и плакетата „Милтон Манаки” беше доделена на авторот Џејмс Калмерс од Велика Британија за аматерскиот филм „Пофалба за црвената телефонска кутија”, златната „Камера 300″ му припадна на Радован Ѓериќ од Србија автор на филмот „Село во срцето на градот”, сребрена „Камера 300″ добија Драго Латиновиќ и Илија Галоња исто така, од Србија, за „Живот од прв ред” и „Прозорец во среќа”, додека бронзена „Камера 300″ годинава доби македонскиот автор Петре Чаповски за филмот „Виолинист”.

Меѓународното жири одлучи златниот медал на УНИКА да му припадне на Томе Љушев автор на аматерскиот непрофесионален документарен филм „Страсна недела – Бигорски манастир”, плакета за најдобра камера на Милан Живковиќ од Србија за филмот „Зимски ден”, плакета за режија „Драги Савевски” на Горан Поповски автор на филмот „3Р 3Р”, плакета за монтажа на гостинот од Германија Оскар Георг Шиберт за филмот „Регензбург”, плакета за идеја доби Јосеп Рота од Шпанија за филмот „Тораја: Живеење за да се плати со живот”, а плакетата за репортажа му беше доделена на Диме Талевски, автор на документарните филмови „Манастир Св. Марина” и „Колешински водопади”.

Стручното жири одлучи годинава да додели и неколку специјални награди и тоа на општинското основно училиште „Христо Узунов” од Охрид за посебен придонес во аматерскиот документарен филм, потоа на Оливера Грујевска за поетскиот израз во аматерскиот филм „Носталгија за едно време” и на Валентин Иванов и Стефан Николајев од Бугарија за континуирано учество на фестивалот во Битола”.