Документарците се местото каде учиме за вистинскиот живот-Самир Љума на ASC

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

-Ние доаѓаме од Македонија, земјата во која се одржува најстариот фестивал посветен на кинематографијата Браќа Манаки-вака Самир Љума го започна својот говор на сцената, на 34- тото доделување на награди на ASC- американската асоцијација на кинематографери, кое се одржа во театарот Долби во Лос Анџелес.

За прв пат оваа година се додели наградата за најдобар документарец, која отиде во рацете на кинематограферите на Медена земја-Фејми Даут и Самир Љума.

-Да се биде овде помеѓу најдбрите е голема чест, ви благодарам-продолжи Љума во својот говор и додаде- На фестивалот Браќа Манаки имав можност да се запознаам со реномирани мајстори на филмската слика меѓу кои Вилмош Зигмонд, Ед Лакман кој исто така е и на оваа манифестација, Кристијан Бергер, Џон Сил, Роџер Дикинс и многу други. Тоа што ја одбрав оваа професија не беше случајно.Тие се многу инспиративни не само со нивната работа, туку и со нивната големина да го споделуваат своето знаење и искуство . Ви благодарам на сите вас за инспиративните филмови, кадри кои одлучивте да ги претставите пред светот и честитки до ASC за препознавањето на важноста на категоријата за документарните филмови.

Наградата на ASC манифестацијата на Љума и Даут, ја додели режисерот на Џокер- Тод Филипс.

-Како што Тод истакна многумина од нас ги започнале своите кариери снимајќи документарци-истакна Љума додавајќи- и во овие денови на борби, вести, лажни вести, документарците се местото каде учиме за вистинскиот живот.Тие се позначајни денес во нашата улога во светот, од било кога претходно. Браво ASC.

-Целиот свој живот сонував да бидам дел од листата на големите кинематограферски имиња и големо е задоволството што минатата година го запознав Лакман на фестивалот Браќа Манаки, сега е тука, голема е честа што ASC ја препозна нашата работа, ви благодарам на сите за оваа награда-истакна Фејми Даут.

Кинематограферот кој на филмскиот фестивал Браќа Манаки ја освои Златната камера за животно дело, Роџер Дикинс, на оваа манифестација ја освои наградата за најдобра филмска кинематографија за филмот „1917“.

 

 

Share.