Донации на Битолска млекара за здравството

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Битолска млекара излезе пресрет и обезбеди финансиска помош за ургентните потреби на Министерството за здравство за сервис и репарација на апаратите за респираторна нега,коишто се потребни за Инфективната клиника во Скопје.

“Моменталната ситуација и кризата КОВИД 19 го сврти нашиот фокус кон напорите на здравствените работници и донацијата ја упативме до Министерството за здравство во делот каде е најпотребна,за обезбедување соодветна и функционална апаратура.Сите сме свесни дека во овој момент многу е тешко да се набават овие апарати за респираторна нега, па од голема важност е нивното одржување и добро функционирање,со цел да им помогнеме на оние на кои им е најтешко”, изјави генералниот директор на Бимилк, Ѓорѓи Петрушев.

Следејќи ја состојбата во државата во вонредни услови, Битолска млекара со цел да го помогне функционирањето на државните институции, предвремено ја уплати вкупната аконтација на данок на добивка за тековната година во вредност од 15 милиони денари. Минатата недела реализирана е донација од финансиски средства и набавка на два пациент монитори во Клиничката болница Битола, како и производи за најранливите групи граѓани, доставена преку Црвениот Крст Битола. За граѓаните од кризниот регион во Дебар и Центар Жупаво најкритичните моменти, компанијата достави донација од 3 илјади литри јогурт.

За Клиничката болница од Битола оваа донација е значајна и доаѓа во вистински момент. “Оваа помош од Битолска млекара доаѓа во навистина важен момент и значително ќе ни помогне во зајакнувањето на нашите капацитети во дадената ситуација. Се надевам дека и другите стопански субјекти во градот ќе го следат примерот на Битолска млекара во општествената одговорност”, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на ЈЗУ Клиничка болница Битола.

Во новонастанатата ситуација Битолска млекара целосно се раководи и ги почитува препораките за заштита и превенција упатени од Министерството за здравство, и во однос на своите вработени, соработници и во однос на производите. Во исто време со примена на сите превентивни мерки воспоставено е континуирано и непрекинато производство и достава на производите до сите делови од државата.

Share.