Две ученички од музичкото училиште, први на натпревар во Словенија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Ученичките Злата Даниловска и Сара Сиљановска од IV клас од Државното музичко училиште ги освоија највисоките поени на Меѓународниот натпревар по Солфеж во Марибор, Словенија кој требаше да се одржи во мај, но заради пандемијата се одржа онлајн на 22 овој месец. Ученичката Злата Даниловска освои прва награда со максимални 100 бода, исто така и ученичката Сара Сиљановска прва награда со 95 бода. Ментор на ученичките е проф. Гордана Трајковска.

Професорката по Солфеж од Државното музичко училиште, Гордана Трајковска, за Ритамот на градот истакна дека се спремаа цела година и дека ваков натпревар каде учествувале ученици од музичкото во Битола, досега не се памети. Таа вели дека натпреварот бил со поинакви критериуми, со понапреден материјал од оној кој е предвиден во програмата за 4-ти клас во музичко образование, а на натпреварувањето работеле парлато вежби, мелодиски, ритмички и интервалски вежби. Трајковска додаде дека Злата Даниловска и Сара Сиљановска, се одлични ученички како и на нејзиниот предмет Солфеж, така и по сите останати предмети во училиштето.

Гордана Трајковска е долгогодишен професор во Музичкото училиште во Битола, одликувана е со многу награди, а била и член во многу жири комисии. Ја прашавме зошто е добро музичарите да знаат Солфеж, а таа кажа дека Солфежот е многу битен предмет за развивање на внатрешниот и надворешниот слух, тоа е основен предмет за секој музичар, се учи од подготвително одделение, па се до факултет, додава Трајковска.

„Штотуку ми пристигна убава вест…Вчера се одржа Меѓународен натпревар по солфеж во Марибор-Словенија,каде две ученички од IV клас се здобиа со награди. Злата Даниловска ПРВА со максимум 100 бода и Сара Сиљановска ПРВА со 95 бода…Вие денес ме направивте многу горда,Ви благодарам што сте дел од Државното музичко училиште-Битола,ви посакувам успех понатаму и продолжете со вашата храброст и вашите високи цели кои ги правевте и досега. Му се заблагодарувам и на Вашите родители, кои веруваа во нас,без нивната поддршка овај натпревар во многу тешка категорија,немаше да биде реализиран.
ОВА Е ТИМОТ ШТО ПОБЕДУВА“, напиша професорката Трајковска на Фејзбук.

Професорката Трајковска исто така кажа дека ученичките како и професорката беа пофалени и од директорката на меѓународниот натпревар во Марибор, Нина Лорбер. Таа по електронска порака им испрати честитки, каде напиша:

„Почитувана госпоѓо Гордана!

Искрени честитки до вашите извонредни ученици! Браво, браво браво!!!. Тие се одлични натпреварувачи и се надевам дека ќе соработуваме и следен пат во живо или онлајн на нашиот натпревар по солфеж.

Вас и на вашите ученици ви посакувам се најдобро“.

И во време на пандемија, каде онлајн наставата претставува проблем за учење на музика, професорката Трајковска и нејзините ученици достигнуваат успеси на натпреварите. Наставата како што кажа професорката, иако со проблеми, наоѓаат начин за тоа да го реализираат, а учениците биле заинтересирани и сите ја следеле наставата пред компјутер.

Инаку Државното музичко училиште од Битола, беше единственото училиште од државата кое учествуваше на овој меѓународен натпревар во Словенија.

Share.