Египет ги нападна терористичките кампови во Либија

0
372

Египетски борбени авиони ги нападнаа милитантните кампови по смртоносниот напад врз коптските христијани во Египет, соопшти претседателот Абдел Фатах Сиси. Нападите се извршени во источниот дел на Либија, пренесе државната телевизија.

Претседателот на Египет вети и дека ќе продолжи да ги напаѓа базите користени за обука на милитанти што вршат терористички напади во неговата земја, без оглед на локацијата на камповите.

Тој повтори дека земјите што ги финансираат, ги обучуваат и ги вооружуваат терористите не треба да поминат неказнето.

Ние нема да се двоумиме да ги заштитиме нашите луѓе од злото“, рече тој во говорот денеска.

Египет изврши шест воздушни напади во Дерна во источниот дел на Либија, соопшти државната телевизија, додавајќи дека тоа е местото каде што биле обучени милитантите што го извршиле смртоносниот напад врз коптските христијани, во кој беа убиени најмалку 28 луѓе, меѓу кои и деца, а беа ранети дваесетина.

Египетскиот претседател, исто така, директно се обрати до американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе водечката улога во борбата против тероризмот.

„Упатувам апел до претседателот Трамп: Јас верувам во тебе, во твојот збор и во твојата способност борбата против глобалниот тероризам да ти биде примарна задача“, рече тој.

Денеска претседателот Трамп ги осуди нападите врз коптските христијани во Египет, осудувајќи ја „насилничката идеологија“ и „злобните организации на тероризмот“.