Емануел Макрон се здружи со Шварценегер против Трамп за климатските промени

0
680

И претседателот и глумецот се познати по тоа што ја критикуваат одлуката на Трамп да ги повлече САД од Парискиот климатски договор.

Поранешниот гувернер на Калифорнија Арнолд Шварценегер и францускиот претседател Емануел Макрон снимија видео во кое ветуваат дека повторно ќе ја направат „планетата голема“, како критика до американскиот претседател Доналд Трамп.

И Макрон и Шварценегер се познати по нивната отворена критика на одлуката на Трамп да ги повлече САД од Парискиот договор за климатските промени.

Историскиот договор од 2015 година, потпишан од 195 земји и ратификуван од 147, има цел да ги намали емисиите на јаглерод и да го запре глобалното затоплување. Но откако Трамп ги повлече САД, Договорот веќе не го вклучува вториот по големина загадувач во светот.

Макрон, кој заедно со голем број други европски лидери ја осуди одлуката Америка да се повлече од договорот, ги повика американските научници да се преселат во Франција. Тој ја промовираше фразата „Да ја направиме нашата планета повторно голема“ – верзија на слоганот на кампањата на американскиот претседател, „Да ја направиме Америка повторно голема“.

Што се однесува на Шварценегер, тој е истакнат поддржувач на политиките за заштита на климата, а во видео објавено месецов рече дека „еден човек не може да го уништи нашиот напредок“.

Во најновото видео Шварценегер вели дека тој и Макрон „зборувале за прашањата поврзани со животната средина и зелената иднина“.

Снимката беше објавена на Твитер, а поранешната филмска ѕвезда и гувернер на Калифорнија вели дека му било „навистина чест“ да се состане со Макрон и додава дека тие „ќе работат заедно за иднината со чиста енергија“.

Во текот на целиот клип од 10 секунди долу стојат зборовите: „Со претседателот Макрон, голем лидер!“

Видеото завршува со Макрон, кој вади нова фраза: „Заедно ќе работиме повторно да ја направиме планетата голема“.

mkd.mk