Форум за унапредување на инвестициската клима во Западен Балкан

0
334

Неопходноста од структурните реформи за подобрување на инвестициската клима, регионалната економска интеграција, како и приближувањето кон единствениот пазар на ЕУ беа тема на дискусија на првата панел сесија на „Форумот за унапредување на инвестициската клима меѓу ЕУ и Западен Балкан“ што се одржува во Белград, Србија.

Форумот, што го организира Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, информират од ССК, го отворија еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска и министерот за економија на Албанија, Милва Економи.

Еврокомесарот Хан во своето обраќање истакна дека условот за креирање, имплементација и следење на структурните реформи не е дополнителна пречка за земјите на нивниот пат кон членство во ЕУ.

Од заклучоците за економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ, државите од Западниот Балкан и Турција, произлезе потребата Република Македонија да усвои сеопфатна и веродостојна програма за реформи во управувањето со јавните финансии, како и да ја намали употребата на постапката за итност во законодавството за да се обезбедат соодветни и систематски консултации со засегнатите страни.

Арсовска во своето обраќање рече дека потребата за имплементација на програмата за економски реформи од април годинава треба да се постави како приоритет.

– Деловното опкружување со чести законски измени и парафискални давачки на различни административни нивоа во континуитет ќе се соочува со предизвици. Главните слабости покрај честото менување на легислативата, се и недоволните консултации на засегнатите страни, но и големиот неформален сектор, како и проблематичниот пристап до финансии за малите и средните претпријатија. Оправдана реформска мерка е намалување на уделот на сивата економија, која не партиципира со приходи во буџетот, а дополнителен ефект е што ја нарушува конкурентноста во приватниот сектор. Севкупно, потребен е фокус на структурни реформи за развој на приватниот сектор и подобрување на конкурентноста, изјави Арсовска.

Лидерите на Западен Балкан креатори на економските политики, инвеститорите на ЕУ и регионалните и локалните бизниси дискутираа за важноста на структурните реформи како средство за подобрување на инвестициската клима, како и за зголемено учеството на приватниот сектор во креирањето и спроведувањето на структурните реформи.