Градоначалничката на Барселона го обвини Пучдемон за катастрофа

0
348

Градоначалничката на Барселона Ада Колау ја обвини разрешената каталонска влада на Карлес Пучдемон дека регионот го донесе до „катастрофа“.

Според неа повеќето Каталонци „не сакале“ декларација на независност.

На митингот на својата левичарска партија Заедничка Каталонија во Барселона, Колау побара „објаснување“ од сепаратистичките лидери, истовремено повикувајќи на ослободување на оние кои се наоѓаат во затворите.

На собирот имаше илјада луѓе.

„Сакаме затворените да бидат ослободени, но исто така сакаме неодговорната влада што ја доведе земјата до катастрофа да преземе одговорност и да ги признае грешките“, рече Колау.

Според неа, прогласувањето на независност „не доведе до република“.

Колау, исто така ја критикуваше одлуката на шпанската влада да ја укине автономијата на Каталонија и воведувањето на директна управа.

Градоначалничката на Барселона не ја поддржува независноста, но е за референдум.

Карлес Пучдемон моментално е во Белгија, и ја чека судската одлука за налогот за негово апсење издаден од Шпанија.

mkd.mk