Граѓаните на Зимбабве го слават падот на Мугабе

0
350

Десетици илјади граѓани на Зимбабве излегоа денес на улиците на главниот град Хараре за да ја изразат својата радост од очекуваниот пад на претседателот Роберт Мугабе и пееја, танцуваа и ги гушкаа војниците.

Мугабе, кој владее со земјата последните 37 години – единствениот владетел на Зимбабве од независноста од Британија во 1980 година, е ставен во домашен притвор откако во средата војската ја презема власта.

На улиците на престолнината жителите на Зимбабве им се препуштија на емоциите по две децении репресија и сѐ поголеми економски тешкотии во земјата.

„Ова се солзи радосници“, кажа за Ројтерс Френк Мутсиндиква (34) држејќи знаме на Зимбабве. „Го чекав овој ден цел живот. Конечно слободен. Ние сме конечно слободни“.

Друг демонстрант за Би-би-си кажа дека овој ден претставува „нов почеток“ за неговата земја. Собирот го поддржаа војската која го спроведе пучот, владејачката партија ЗАНУ-ПФ, но и воените ветерани од војната за независност кои до минатата година стоеја цврсто покрај својот поранешен воен командант Мугабе.

Дел од граѓаните кои излегоа на улиците имаа транспаренти на кои пишуваше „Не на династијата на Мугабе“, а некои ги гушкаа војниците кои ја преземаа власта. „Како жители на Зимбабве, ѝ порачуваме на нашата војска – ви благодариме за вашата мирна интервенција“, објасни еден демонстрант и додаде: „Време е народот на Зимбабве да каже: Мугабе мора да си замине и тоа уште вчера. Едвај чекаме да му го видиме грбот. За нас, тука станува збор за крајно авторитарно владеење и ќе си го вратиме Зимбабве назад“.

www.mkd.mk