Груевски: ВМРО-ДПМНЕ беше цел на операција на надворешни центри

0
577

Македонија немала власт со поголем учинок и напредок од власта раководена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите речиси 11 години. Но бевме предмет на операција на надворешни центри со цел промена на власта, и покрај тоа што народот и на последните избори ни даде најголема доверба, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од собраниската говорница.

„Главната причина за оваа надворешна операција беше нашата политика на барање фер-решение за името и како резултат на тоа сè уште не добиваме покана за членство во НАТО и преговори со ЕУ.

Стратешка цел е фер решение, а не решение што ќе нè обезличи како народ, како држава“, изјави тој.

Во обраќањето говореше за тоа што им било оставено кога дошле на власт, а што ѝ оставаат тие сега на новата влада. Затекнале, како што рече, блокиран буџет, државен долг од 39 отсто од БДП, невработеност од 38 отсто, затворени фабрики.

„Невработеноста ја намаливме на 23 отсто, социјалната помош се зголеми за 80 насто, а платите во администрацијата за 30 насто“, рече Груевски.

Тој уште додаде дека лажно биле претставени кај Албанците како националисти.

„Будно ќе го следиме работењето“, најави Груевски.