define('WP_AUTO_UPDATE_CORE', 'minor'); Како Мариово го добило своето име - ТЕРА

Како Мариово го добило своето име

Мариово — област во Македонија карактеристична по својата историја, етнологија, традиции и култура. Областа Мариово се наоѓа во крајниот јужен дел на Република Македонија.

Доколку побарате информации на интернет за оваа област, слободната енциклопедија „Википедија“, ја содржи и легендата за Марија од Мариово. Девојката по која Мариово според легендата го добило своето име.

Уште од дамнешни времиња областа е позната под името Мариово. На повеќе места и пишани историски извори се среќаваат слични и малку видоизменети облици на името Мариово, како: Морихово, Мерихова, Марина, Марихово, Мориево. Најпознатото и раширено предание за потеклото на името е легендата во која се вели дека некој турски бег сакал да ја земе за жена во својот харем преубавата девојка Марија од овој крај.

По долгите натегања Марија се согласила да оди во харемот на бегот но под услов во целиот крај да не се врши потурчување (исламизирање), да не се населуваат Турци и да се градат џамии. Договорот бил испочитуван и целиот крај бил спасен од насилните потурчувања и зулуми. Во знак на благодарност населението во чест на убавата Марија која го спасила целиот крај го дало името Мариово.

Меѓу населението е позната уште една слична легенда која вели дека името на Мариово потекнува од неговата владетелка Марија – Мара која се поврзува и со онаа легенда за настанокот на манастирот Трескавец.

Имено, во овој крај живеела Марија која била прочуена по својата убавина заради што султанот Мурат ја зел за жена, додека едно друга верзија вели – посестрима во дворецот. Меѓутоа, девојката која Турците ја викале Кала Мара или Тамар Мара не сакала да се потурчи и покрај нивните настојувања таа продолжила да си ја исповеда христијанската вера. Поради ова со цел да ги смири духовните поглавари султанот бил приморан да ја тргне Мара од својот двор, а бидејќи ја сакал и почитувал ѝ предложил да се врати во својот роден крај и со него да управува, на што таа се сложила.

На пат за Мариово таа се задржала извесно време во манастирот Трескавец каде што изразила желба да се замонаши, што пак не ѝ било дозволено од свештениците кои ја сметале за „грешна душа“ и престапничка. Таа многу се налутила и дала заповед да се запали манастирот, по што го продолжила патот за Мариово каде се населила во селото Витолиште во „мирна земја“, останувајќи и владеејќи со целата област до крајот на животот.

Од тогаш областа била наречена Мариово, а Турците ја викале Мариова што во превод значи Мариина земја. За потеклото на името Мариово, меѓу постарото население постоело уште едно постаро предание кое воопшто не се поврзува со личното име Марија. Имено, се смета дека уште во римско време оваа област го носела името Морина и дека настанала од море кое подоцна истекло по течението на Црна Река, за што сведочат некои пронајдоци од фосилни остатоци. Иако, преданијата за името се врзуваат со османлискиот период, постојат пишани записи за името Мерихово уште во византиско време и Марина во римско време.

Сподели