Како младите да размислуваат претприемачки?

0
656

Расте бројот на млади луѓе кои што сакаат да отворат свој бизнис. Македонија е земја од која што произлезе еден систем каде што не е развиено претприемништвото, и за да се смени тоа треба да помине време. Треба да се работи уште за развивање на претприемачкиот дух, да се развиваат можностите и младите луѓе да се натераат да размислуваат во насока на отворање на свој бизнис. Покрај добрата бизнис идеја, потребна е одлучност и храброст кои со истрајност, знаење и инвентивност ќе донесат успех.Ова беше речено на конференцијата на тема Поддршка на претприемништвото и малите бизниси, што се одржа во Битола, во организација на Младинскиот културен центар-Битола и Европската бизнис Aсоцијација по повод „Европската недела на мали и средни претпријатија 2017“.

– Трендот е позитивен, младите луѓе го осознаваат претприемништвото како начин на живот, на работење, создавање партнерства, но и пропаѓање. Пропаѓањето е многу важен дел од претприемништвото затоа што ние како култура и традиција, пропаѓањето го сфаќаме како нешто трагично, но секаде во светот тоа пропаѓање се сфаќа како шанса за нов почеток. Тоа ги прави луѓето поискусни и поспремни за следниот предизвик. Препреките се општо познати, отежнат пристап до финансии, бирократски пречки итн, но сето тоа е надминливо и не е нерешливо доколку некој реши да отпочне со свој бизнис. Македонија треба да направи се за да ги отстрани тие бариери кои што се уште постојат за да можеме да кажеме дека е претприемачка земја, а најбитно е да се смени менталитетот, изјави Димитар Ристовски, извршен директор на Ервопска бизнис Асоцијација.

Со организирањето на ваквите настани сакаме да ги поттикнеме младите да отворат свој сопствен бизнис , бидејќи претприемништвото е иднина на секоја економија во развој. Македонија е држава со најголема младинската невработеност, велат од МКЦ -Битола


-Претприемништвото е иднина на секоја економија во развој и колку побрзо тоа го сватат младите луѓе, толку побрзо Македонија ќе може да се развива со вистински чекори напред. Ова е настан организиран во рамките на младинската платформа УС , а тоа е активност што се организира во 7 земји, односно во 6 земји од Западен Балкан и Турција. Според истражувањето, Македонија е држава со најголема младинска невработенсот во Европа и токму ваквите настани треба да претставуваат поттик младите луѓе да се охрабрат и да останат во сопствената држава, да отворат свој бизнис кој подоцна ќе го развиваат и ќе вработуваат нови млади луѓе, изјави Сашо Додовски, од МКЦ-Битола.

Градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, ја нагласи понатамошната ориентираност на локалната самоуправа кон преиспитување на одредени мерки кои ќе бидат преземени во идниот период со цел понатамошен развој и создавање на позитивна бизнис клима.


-Духот на претприемништвото, како и се друго, не е ништо што доаѓа само по себе. Тоа е нешто во што целокупно треба да се вложи заедницата, тргнувајќи од аспект на образување на младите луѓе, охрабрување, во што треба да се вклучат сите институции. Токму поради тоа, ценам дека и локалната самоуправа е таа која што треба да ги мотивира, охрабри и да придонесе во будење на тој дух. Локалната самоуправа е таа која што треба генерално на бизнис секторот да му овозможи пријатна атмосфера за развој, што би претставувало мотив дека навистина постои перспектива доколку имате воља и верба во тоа, изјави гардоначалничката Наташа Петровска.

„Европската недела на мали и средни претпријатија “се одружа по 12 ти пат во Македонија, а по 10 пат во Битола.