Ќе ја контролираме работата на Владата

0
843

ВМРО-ДПМНЕ ќе биде тука да контролира новата влада да не направи ниту една постапка што ќе биде штетна за државните и националните интереси на Република Македонија, изјави денеска пратеникот Илија Димовски по обраќањето на мандатарот Зоран Заев во Собранието на РМ.

– Победник на овие избори беше ВМРО-ДПМНЕ, но еднаш во 1992 година имаше случај кога ВМРО-ДПМНЕ како победник на изборите не формираше влада во ова Собрание, ова е втор пат. Сакам да предупредам дека поради таа постапка во 1992 година во РМ беа повлечени многу штетни политики од економски, институционален и национален карактер. Се надевам дека политичките фактори СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците се свесни за овој факт и се спремни да ги преземат одговорностите коишто настанаа или ќе настанат поради одлуката победничката партија да биде отстранета од можноста да учествува во управување, раководење со РМ, рече Димовски.

Констатираше дека се нарушија многу пишани и непишани правила – Уставот најмалку во три члена, Деловникот за работа на Собранието најмалку во 27 члена при обидот за избор на нелегитимен претседател на Собранието.

– Се скрши Деловникот во членот 68 став 1 за денешната седница за избор на влада. Се појавија постизборни платформи коишто не беа предмет на оценка и проценка на граѓаните на изборите. Се наруши непишаниот принцип на коалиција помеѓу победник и победник, беа изманипулирани граѓаните, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Верува, како што кажа, дека мандатарот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети, се свесни за сериозните чекори коишто ги преземаа досега и за одговорноста која што ја носат од сега понатаму.

– Затоа, со мене ја земав и гаранцијата која што Заев ја даде спрема претседателот Иванов, но ја имаме и тиранската платформа пред нас. Прашањето е, чиј потпис е потежок – дали на Заев пред Иванов, или на Али Ахмети заедно со потписите на колегите од другите партии на Албанците во РМ. Како ќе го веслате бродот низ овие два документа вие знаете, но ние сме тука да контролираме да не направите ниту една постапка која што ќе е штетна на државните и националните интереси на РМ, рече Димовски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ќе доаѓаат на работа, ќе бидат активно вклучени и во работата на пленарните седници и во работата на комисиите, најави Димовски додавајќи дека тие нема да ја повторат грешката на СДСМ чии пратеници 15 месеци не доаѓаа на работа. На добрите предлози, рече, за разлика од СДСМ ќе одговорат со поддршка, на лошите со остра критика и спротивставување.