Консолидирано земјиште за поголема конкурентност

0
738

Во Битола се одржа втората регионална работилница за подигнување на јавната свест за консолидација на земјоделско земјиште. Таргет на работилниците се земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште, а целта е да се зголеми локалната свест и разбирањето на придобивките од окрупнувањето на парцелите.

– Денеска најавуваме отпочнување на постапка за селекција на нови средини на нови локации каде што ќе се спроведува консолидација во наредните две до три години, изјави Наташа Љубецкиј Анѓелиќ експерт по оваа област

Изминатите две недели, сектори и подрачни единици на МЗШВ, како и советници од АПРЗ беа обучени како да ги идентификуваат и селектираат најпогодните области за консолидација на земјоделско земјиште и како да работат заедно со земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште при изразување интерес за консолидација.

-Земјоделците ги согледуваат придобивките од косолидацијата, бидејќи со неа ќе се овозможи секое земјоделско стопанство да поседува земјиште на поголема парцела, со правилна форма, наспроти мали парцели на различни локации, што ќе ги намали трошоците за обработка на земјоделското земјиште, ќе ја зголеми продуктивноста и конкурентноста на земјоделското производство, можностите за примена на модерни производствени методи и техологии, како и можностите за изградба на подобра рурална инфраструктура. Тоа ќе придонесе за зголемување на потенцијалот на земјоделскиот сектор и подобрување на животниот стандард на руралните заедници“, изјави Славе Стефановски, член на селска комисија за консолидација

Оваа работилница ја организира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со поддршка на проектот MAINLAND финансиран од ЕУ.
После одржаните работилници проектниот тим ќе спроведе локални информативни состаноци во целните села за да им помогне на потенцијалните кандидати да аплицираат како корисници на проекти за консолидација на земјиштето. Овие активности имаат за цел да помогнат во изборот на проектни области со најголем потенцијал и интерес за консолидација кој се очекува да се случи до крајот на декември 2017 година.