Лидерот на ИСИС наводно убиен во „голем воздушен напад во Сирија“

0
919

Абу Бакр ал Багдади наводно е убиен во воздушен напад на сириската војска, објави сириската државна телевизија. Сепак, оваа информација треба да се земе со доза резерва бидејќи тој веќе неколку пати беше прогласен за мртов.

Наводната смрт на Багдади, инаку најбаран терорист во светот, не го потврди агенцијата Амак, која е блиска до џихадистите.

Сириските активисти од групата Рака24 го пријавија воздушниот напад во градот кој џихадистите го сметаат за престолнина на својот „калифат“ и според нивните извештаи во тој напад загинале седум луѓе.

Се веруваше дека се крие во пустина во околината на Мосул во северн Ирак, но ирачките разузнавачки служби веруваат дека избегал од градот пред ирачката војска да тргне во офанзивата за ослободување на градот.

Ал Багдади, чие вистинско име е Ибрахим Авад Ибрахим ал Бадри, првпат се појави во јавност во јули 2014 година, кога во џамија во Мосул најави формирање на „исламски калифат“ на Блискиот Исток.

За лидерот на Исламска држава во последните 2 години најмалку 10 пати беше јавено дека е убиен или сериозно ранет.