Лондон: Хаварија како во „третиот свет“

0
354

Пожарот во кулата Гренфел во Лондон, во кој загинаа најмалку 12 лица, не е комплетно изгаснат. Се засилуваат обвинувањата за непридржување кон прописите за заштита од пожар. По катастрофалниот пожар кој изби вчера во раните утрински часови во висококатница во Лондон, голем број од станарите сѐ уште се водат за исчезнати.

Пожарникарите претпоставуваат дека во остатоците од 24 ката високата кула Гренфел се наоѓаат уште жртви, покрај официјално потврдените 12 лица. Во некои од становите и 24 часа по избувнувањето на огнената стихија, уште доаѓа до распламтување на огнот. Во акцијата на пожарникарите досега се спасени 65 луѓе, некои успеале сами да побегнат. Во блиските клиники на лекување се примени најмалку 79 лица, од кои 18 се наоѓаат во критична здравствена состојба.

Колку луѓе се исчезнати, не е целосно јасно. Во зградата со 120 станови, според медиумите, живееле меѓу 400 и 600 станари. Причината за пожарот не е позната. Лондонскиот градоначалник Садик Кан вети сеопфатна истрага: „Во текот на идните денови ќе бидат отворени бројни прашања околу причината за трагедијата, ги уверувам граѓаните дека ќе стигнеме до сите одговори.“

И британската премиерка Тереза Меј најави детална истрага, ако се потребни консеквенции по пожарот, тие ќе следат, истакна таа. Остра критика стигна од британскиот противпожарен експерт Џон Хол, кој пожарот во Гренфел-кулата го нарече хаварија какви се случуваат во „третиот свет“. „Мора да потфрлиле сите елементи на заштитата од пожар и на управата на зградата“, претпоставува тој на Твитер. Мет Врек, шеф на Синдикатот на пожарникарите, изјави дека по пожарот станарите на зградата имаат право да поставуваат критички прашања, на пример – дали реновираната фасада го забрзала ширењето на огнот.

По огнената катастрофа, на висококатницата во квартот Кенсингтон, наспроти стравувањата, не ѝ се заканува уривање. Експерти извршија инспекција на зградата со социјални станови и констатираа дека таа е сепак стабилна, соопшти противпожарната служба.

http://www.dw.com