Милијардерот Бабиш убедлив победник на чешките избори

0
334

Чешкиот милијардер од словачко потекло Андреј Бабиш уверливо победи на саботните парламентарни избори во Чешката Република на кои избирачите ги казнија традиционалните партии и на „чешкиот Трамп“ му дадоа мандат за борба против политичката корупција, иако и самиот се соочува со обвинувања за измами.

Движењето на Андреј Бабиш – ANО, коешто противниците го означуваат како „популистичко“, освои 29,6 отсто од гласовите, трипати повеќе од најблискиот ривал, опозициските кознервативци Граѓански демократи, кои добија 11,3 отсто од гласовите.

Социјалдемократите ČSSD, кои беа поголемиот коалициски партнер со тогаш младата партија ANO во владата од 2013 година, паднаа на рекордно ниските 7,3 отсто гласови, најмалку од мирното раздружување со Словачка во 1993 година.

Второто опозициско движење крајната десничарска Партија на слободата и непосредната демократија (SPD) е на третото место со 11 отсто од гласовите. Неа ја води чешко-јапонскиот претприемач Томи Окамура, противник на ЕУ-интеграциите и поборник на излегувањето од Европската унија.

Драматичниот пресврт на чешката политичка сцена се случува и покрај тоа што оваа централноевропска посткомунистичка членка на ЕУ оствари брз висок економски раст, урамнотежен буџет и најниска стапка на невработеност во Унијата од само 3,8 отсто и најбрзиот раст на платите во изминатите десет години.

Бабиш сега ќе се соочи со тешките коалициски преговори, бидејќи и поранешните партнери социјалдемократите и христијанските демократи во саботата изјавија дека не можат да бидат во валса со некој кој е под полициска истрага. Граѓанските демократи, исто така, исклучуваа влегување во влада со ANO, каки и другите две помали партии. Меѓутоа, Бабиш не се обесхрабрува и вели дека ќе разговара со сите.

„Верувам дека ќе составам влада којашто ќе биде еден тим. Сакаме да спроведеме програма за подобар живот во нашата земја“, изјави Бабиш пред новинарите и неговите приврзаници во партиското седиште.

Истакна дека неговата партија е проевропска, и покрај тоа што не сака да разговара за „Европа во две брзини“ што може да ги маргинализира државите како Чешка кои не го воведоа еврото.

http://netpress.com.mk