На 27 април полицијата 3 часа не добила никаква наредба

0
648

Експертската комисија на Министерството за внатрешни работи која ги испитува случувањата во Собранието на 27 април и однесувањето на полицијата веќе собрала доволно докази и наскоро треба да излезе и со заклучоци. Од МВР брифираат дека има доволно докази и за постапувањето на директорот на Бирото за јавна безбедност и шефот на оперативниот штаб за тие настани, Митко Чавков.

Извештајот на комисијата најверојатно веќе денеска ќе биде на масата на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, а потоа испратен и до Јавното обвинителство. Според информациите од МВР, во извештајот Чавков ќе биде посочен како најодговорен за непостапувањето на полицијата за време на случувањата во собраниската зграда на 27 април.

Членовите на комисијата ги сослушале сите полициски службеници кои на 27 април биле во и пред зградата на законодавниот дом, како и раководните структури кои требало да издаваат наредби. Од исказите произлегло дека повеќе од три часа полицијата немала никаква наредба да дејствува по влегувањето на демонстрантите во собраниската зграда.

Митко Чавков пред две недели побарал да биде пензиониран и побарал годишен одмор.

Министерот Нухиу по случувањата во Собранието на конференција за медиуми веднаш побара разрешување на Чавков од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност. Нухиу тогаш изјави дека за време на настаните Чавков за него воопшто и не бил достапен на телефон и дека структурите на МВР нанеле сериозна штета на државата.

За овој настан досега се суспендирани 20 припадници на полициските сили, а внатрешната контрола на МВР води постапка за уште 30-тина лица. Полицискиот синдикат побара и командна одговорност, одговорност и од лицата кои требале да издаваат наредби, а не само од полицајците.

www.mkd.mk